Австралискиот тенисер Макс Персел, двократен победник на Грен слем двојки, е привремено суспендиран поради прекршување на антидопинг протоколите и ќе го пропушти Австралија Опен во јануари, објави Меѓународната агенција за интегритет во тенис (ИТИА).
Дванаесеттиот во светот во игра на двојки, 26-годишниот Австралиец Макс Персел призна дека користел „забранет метод“ и за него е „побарана привремена суспензија на 10 декември“, соопшти ИТИА, без да даде дополнителни детали за прекршокот.
Привремената суспензија започна на 12 декември додека се чекаат заклучоците од истрагата и одлуката за санкцијата, додаваат од Агенцијата.
Персел го освои Вимблдон во 2022 година заедно со сонародникот Мет Ебден, потоа УС Опен во 2023 година заедно со Џордан Томпсон, исто така Австралиец.
Тенис Австралија (ТА) инсистираше на тоа дека суспензијата „не била поврзана со употреба на допинг производ, туку со забранет метод“.
ИТИА годинава ги казни тенисерот број еден во светот, Јаник Синер од Италија, и втората тенисерка на светот, Ига Свиатек од Полска, поради допинг.
Италијанецот, кој накратко беше суспендиран два пати, а потоа беше ослободен од ИТИА, што беше обжалено од Светската антидопинг агенција (ВАДА). Во неговото тело биле пронајдени траги од анаболниот клостебол и било утврдено дека крвта на Синер била ненамерно контаминирана од Џакомо Налди, неговиот физиотерапевт.
Полјаката, која беше позитивна на триметазидин во август, беше суспендирана на еден месец. Откриено е дека нејзиниот позитивен тест е предизвикан од контаминација од регулиран лек без рецепт (мелатонин) произведен во Полска, кој тенисерката го земала поради последици од летањето со авион и проблеми со спиењето.