Потребни беа 14. кола или пет месеци за еден од прволигашките тимови да најде тактика со која ќе ја запре победничката серија на Наковски Волеј во Првата лига жени. Младост УГД беше екипата која успеја да му го нанесе првиот удар на лидерот и тоа со убедлива победа од 3:0 пред својата публика во Штип.
Одбојкарките на Наковски Волеј доминираа во досегашниот тек од првенството, но факт е дека со штипскиот состав имаа проблеми и на домашен терен во Струмица во првиот дел, кога се радуваа по пет сета.
Во дербито од 15. коло девојките на Кристина Лазаровска покажаа решителност, борбеност и мотивираност да му застанат на патот и да му го зададат првиот „удар“ на Наковски Волеј.
Вардар ЕМ, пак, во градското соочување со Фит Фан Волеј, славеше со 3:0, што е втора победа на „црвено-црниот“ состав над овој ривал, откако претходно го елиминираше и во осминафиналето од Купот на ОФМ 2026. Вардарки со оваа победа ја зацврстуваат својата позиција во плејоф друштвото.
Пелистер Волеј и Работнички Скопје запишаа убедливи победи над противниците од ова коло, додека шампионот Јанта Волеј КВ со 3:2 се радуваше во дербито со Газели Волеј кое уште во четвртокот го најави овој викенд во најсилното женско друштво.
ПРВА ЛИГА ЖЕНИ
РЕЗУЛТАТИ, 15. КОЛО
Младост УГД – Наковски Волеј 3:0 (25:22, 28:26, 25:13)
Фит Фан Волеј – Вардар ЕМ 0:3 (20:25, 8:25, 23:25)
Струмица жени – Пелистер Волеј 0:3 (11:25, 14:25, 9:25)
Работнички Скопје – Ускана 3:0 (25:22, 25:10, 25:11)
Јанта Волеј КВ – Газели Волеј 3:2 (20:25, 25:16, 25:20, 22:25, 15:8)



































