Фото: Скопје опен 2025

Утре, во спортската сала „Гоце Делчев“ во населбата Илинден, ќе се одржи 14-тото издание на Меѓународниот турнир „СКОПЈЕ ОПЕН 2025“, на кој ќе учествуваат 23 клуба од седум држави, со вкупно 280 борци и 350 влезови.

На турнирот се исполнети 204 категории во борби и 38 во НеВаза.

Свеченото отворање ќе го извршат градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски и претседателката на Федерацијата на училишни спортови, Елена Мицковска, а се очекува и присуство на министерот за спорт Борко Ристовски, чиј ангажман ќе зависи од агендата поради други меѓународни турнири што се одржуваат истиот ден.

На турнирот ќе настапат натпреварувачи од Словенија, Србија, Република Српска, Црна Гора, Грција, Бугарија и Македонија.

Македонија ќе биде претставена со осум клуба – „Осенсеи“ (Штип), „Дан-Кју“, „Тигар“, „Хи Карпош“, „Соке“, „Катана“, „Ангели“ и „Хулк Ултимејд“ од Скопје.

Во рамките на настанот ќе се одржи и финалето на „Јадранската лига“, каде ќе се натпреваруваат четири машки и три женски екипи во сениорска конкуренција.

Организацијата е финансиски поддржана од Министерството за спорт, со техничка поддршка од Општина Илинден, клубовите „Дан-Кју“ и „Илинден“, како и експерти од Џудо федерацијата.

Помагатели на турнирот се „Балекс“, „Реморкер“, „ЕАМ“, „Со-Коп“ и „ПроДизајн.“

Турнирот ќе го водат Данило Стеинман и Невен Шрок од Словенија, а 12 судии од државите учеснички ќе се погрижат за фер натпреварување според европските и светски правила, со VAR систем и професионални LED екрани.

За безбедноста ќе се грижат медицинска екипа со двајца доктори, како и редарска служба со полициска поддршка од ПС Петровец.