Фото: Приватна архива

На свечената церемонија во Скопје, организирана од Македонскиот олимписки комитет, нашата фоторепортерка Маја Јаневска‑Илиева беше прогласена за „Најуспешна спортска медиумска работничка“ во рамки на јубилејното, петто доделување на наградите „Златна Олимпија“.

Признанието за Јаневска‑Илиева е дел од пошироката селекција на награди со кои Македонскиот олимписки комитет ги одликува најуспешните спортистки, тренерки и спортски работнички за 2025 година.

За „Најдобар женски национален тим“ беше прогласена Фудбалската репрезентација на Македонија до 17 години, за историскиот успех во квалификациите и промоција во А лигата за Европското првенство.

Признанието „Најуспешна тренерка“ го доби Катерина Милеска, селекторка на фудбалската репрезентација на Македонија до 17 години.

За „Најуспешна спортска работничка“ признание доби Гордана Николовска Кузмановска, за организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал и Скопскиот маратон.

За „Најнадежна млада спортистка“ беше прогласена младата одбојкарка Мери Бошковска, за пласманот со „Јанта Волеј-Кисела Вода“ во третата рунда од квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите.

За „Најуспешна судијка“ е избрана Ема Никочевиќ, прва ФИБА судијка од Македонија, која во 2025 ја одбележа личната и професионалната победа – враќањето на теренот по тешка здравствена битка, а признанието за „Спортски подвиг“ го понесе Катерина Шиповиќ која освои прво место на трката во Серес со истрчани 202 километри за 24 часа.

Фото: МИА

За „Најуспешна спортистка“ беше прогласена Милијана Релиќ, која освои сребрен медал на Г‑1 турнирот во Криштианштад, Шведска, со што заработи дополнителни 7.20 олимписки поени кон квалификациите за Лос Анџелес 2028. Исто така, на престижниот меѓународен турнир во Инсбрук, Австрија, таа освои нов медал и продолжи да се искачува на олимписката ранг-листа.

Наградата за „Животно дело“ годинава ја доби легендата Стојна Вангеловска, поранешна врвна кошаркарка и првата Македонка која освоила олимписки медал.

За „Најуспешна спортистка со попреченост“ е наградена Фатмире Бајрамоска која освои сребро во крос-кантри скијање на Зимските Специјални Олимписки игри во Торино, Италија.

Ракометната федерација на Македонија ја доби наградата за унапредување на родова еднаквост, а посебни признанија за женско лидерство и унапредување на родова еднаквост добија Цветанка Макаровски и Ирена Митровска.

Ова е петто јубилејно доделување на наградата „Златна Олимпија“, со кое Македонскиот олимписки комитет ја нагласува важноста на спортот и родовата еднаквост во Македонија.