Фото: КФМ

Реално имаме шанси да одиме во втората фаза доколку одиграме според нашиот квалитет и можности, бидејќи во нашата група не може да се каже дека има некој изразит фаворит, вели селекторот и играч, Димитар Димитровски

Кугларските репрезентации на Македонија од денеска па до 7 јуни ќе настапат на 11. екипно Светско првенство (СП) во Секешфехервар (Унгарија). Избраниците на селекторот и играч на машката репрезентација, Димитар Димитровски, се во групата Д, со Чешка, Хрватска и со Франција. Кугларките, предводени од селeкторот Перо Гијевски се во групата Ц, со Словенија, Естонија и со Хрватска. Двете првопласирани селекции од секоја од четирите групи ќе се пласираат во четврт-финалето.

– Се подготвувавме во исклучително тешки услови без кугларница и термини за тренинг. Добивме мала помош од кугларницата во СЦ „Борис Трајковски“ во последниве две недели со два термина седмично, што е премалку. Реално имаме шанси да одиме во втората фаза доколку одиграме според нашиот квалитет и можности, бидејќи во нашата група не може да се каже дека има некој изразит фаворит. Можеби малку Хрватска е во предност, но и тука гледам шанса за надигрување. „Странците” се подготвени и мотивирани за борба, па во многу ќе зависи нивниот придонес во добрите резултати. Во овој момент воопшто не размислувам за втората фаза, оти фокусот е само на играта и резултатите во групата – вели Димитровски.

На претходните три СП машката селекција во 2019 беше деветта, во 2021 12-та и во 2023 беше 15-та, а женската репрезентација не настапи во 2019 и во 2021 година, а во 2023 беше 15-та.

– Групата е изедначена. Носителот во групата Хрватска е видно ослабен, што остава можност да се биде прв во групата. Нашиот прв меч е со Чешка, а тоа е нашата шанса за одлучувачка победа за пласман во четврт-финалето. Остваривме најдобри можни подготвки пред СП, имајќи ја предвид состојбата со нашата кугларска инфраструктура и немањето финансии. Му благодарам на директорот на СЦ „Борис Трајковски“, кој имаше разбирање за нашите проблеми и ни овозможи пристојни услови за подготовки за ова СП. Сепак, морам да потенцирам дека репрезентацијата ги направи подготовките за ова СП пред се` заради дадената голема жртва во енергија, време и финансиски средства од сопствен џеб на репрезентативците. Нашиот ентузијазам не беше разнишан од ниту едно одбивање или затворање врата. Атмосферата во репрезентацијата е на највисокото ниво и очекуваме успешно да се претставиме на престојното СП. Моја желба е освојување на прво место во напата група и потоа борба во разигрувањето за што повисок пласман – вели репрезентативецот Сашо Трпковски.

Најголем спортски успех што една македонска репрезентација го остварила е кугларската, кога пред 12 години во унгарскиот град Залаегерсег го освои сребрениот медал. Во финалето загуби од домаќинот. Во составот на репрезентацијата беа Дамир Фучкар, Урош Стоклас, Борис Бенедик, Бојан Влакевски, Сашо Трпковски, Ибрахим Мемеди, Александар Соколовски, Мартин Тодоровски и Кристијан Костов.

– Нашата шанса ќе ја бараме во факторот среќа и ден на дуелите со фаворитите Чешка и Хрватска кои доаѓаат ослабени на ова СП. Со Франција единствено победа ни е во игра. Единствен пријателски подготвителен меч одигравме во Ниш со Србија. Додека ни траеа клупските тренинзи бевме редовни. Тешко беше да се вклопат приватните и работните обврски со репрезентативните. Имаме ветувања дека ќе ни бидат покриени трошоците за сместување и пат, но останува да почекаме до самото поаѓање. Трошоците за котизација на СП ги подмирува КФМ, а храната ние самите. Доколку не ни бидат покриени трошоците за пат и сместување и тие ќе паднат на наш грб. Желба и мотив постојат за, односно поминување на групата во најмала рака, а каква ќе биде реалноста, ќе видиме. Сепак го браниме дресот со национален грб, а нема ништо посвето од тоа – дециден е кугларот Младен Донковски.

Кугларките на Македонија, добија силни ривалки

– Кај жените групата е ултра тешка. Хрватска е неприкосновена во женска конкуренција и ќе се бори за медал, Словенија е земја која многу вложува во женското куглање и ќе биди многу тешко да парираме, но постојат шанси ако нашите кугларки одиграат квалитетно на сите шест позиции. А со Естонија сметам дека ќе се бориме рамноправно за прва победа на жените на СП по долго време – вели претседателот на Кугларската федерација на Македонија (КФМ), Игор Михајловски.

СОСТАВ, МАКЕДОНИЈА, КУГЛАРИ: Костадин Манев, Борис Бенедик, Сашо Трпковски, Дамир Фучкар, Младен Донковски, Урош Стоклас, Никола Андоновски, а селектор и играч е Димитар Димитровски.

СОСТАВ, МАКЕДОНИЈА, КУГЛАРКИ: Стефанија Алексовска, Андреја Вељаноска, Данче Наумовска, Биљана Гаврилова, Драгана Гаврилова, Елена Аврамовска, Милена Петрески, Мирјана Младеновска. Селектор: Перо Гијевски.

Г.И.