ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ, ПЕТТО КОЛО
Продолжуваат возбудувањата на третиот и последен турнир во класичен шах на ветеранскиот шаховски фестивал наречен „Незаборав за хероите 1941-1944“, во организација на ШКВ Скопје 72, во просториите на ШК Алкалоид.
На првата табла преамбициозниот напад на дотогаш водечкиот Борис Јаневски (1.771 рејтинг-поени) по Х-линијата, искусниот ФМ Јани Богоевски (2.144, рангиран прв) го урна со потегот Тх8. Интересна завршница на топ и ловец против топ и ловец, но разнобојни, одиграа Атанас Ташевски (1.893) и Зоран Костадиновски (1.877). Се потврди мислата на Ботвиник дека страната што напаѓа има фигура повеќе. Во овој случај тоа беше Ташевски. Илија Стошевски (2045), со бели фигури уште во отварањето стекна предност против Слободан Цветковски (1.825), која на крајот се покажа и како решавачка за нова победа на ланскиот лауреат.
Што значат искуството и поставувањето проблеми таму каде што ги нема, покажа ФМ Атанас Кралевски (1.982). Во еднаква завршница на по шест пиони и истобоен ловец, Кралевски со маневрирање на ловецот практично го натера Тодор Андонов (2.076) да згреши. Томислав Голубовиќ (1.757) со победата над ФМ Качаковски (1.982) покажа дека против него мора да се игра внимателно, иако неговиот рејтинг не го зборува тоа.



































