Кога влегов во овој меур, си реков ова е моја мисија, поради неа сум и тука. Ова беше многу предизвикувачко и тешко, изјави Леброн Џејмс по титулата со ЛА лејкерс. Тој беше избран за МВП, а ова му е четврти трофеј со трет клуб

КОШАРКА – ЛА ЛЕЈКЕРС Е НОВ ПРВАК НА НБА

Лос Анџелес лејкерс е новиот првак во кошаркарската НБА-лига, откако во шестиот меч во финалето го совлада Мајами, со 106-93 и со вкупно 4-2 во победи, по цели десет години го освои својот 17-ти шампионски прстен во нивната клупска историја, со што се израмни со Бостон. Леброн Џејмс (35) влезе во НБА-историјата со освојувањето на четвртиот прстен со трет клуб, по Мајами (2002 и 2003 година) и Кливленд (2016) и е на два прстена помалку од Мајкл Џордан, кој победил и бил избран за најкорисен играч (МВП) во шест финалиња. Во решавачкиот дуел првпат во оваа финална серија Џејмс оствари т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) со 28 поени, 14 скока и 10 асистенции. Џејмс е прогласен за МВП на финалето.
– Кога влегов во овој меур, си реков ова е моја мисија, поради неа сум и тука. Сите прстени ми се драги сами по себе. Но можам да кажам дека никогаш не сум победил во ваква атмосфера. Ова беше многу предизвикувачко и тешко. Не би биле ни луѓе ако немаме подеми и падови во меурот – изјави Џејмс.

Тој и неговиот соиграч Дени Грин (со Сан Антонио и Торонто) се само третиот и четвртиот кошаркар што освоиле титула со три клуба. Прв со таков успех е Џон Сали (во 1990-та со Чикаго, 1996-та со Детроит и 2000-та со ЛА лејкерс). Втор, и тоа дури со седум титули, бил Роберт Хори (во 1994-та и 1995-та со Хјустон, во 2000-та, 2001-та и 2002-та со ЛА лејкерс и во 2005-та и 2007-та со Сан Антонио).
Во историјата на НБА само 12 играчи се повеќекратни носители на признанието МВП во финалето. Шест пати тоа го оствари Мајкл Џордан, четири пати најдобар бил Леброн Џејмс, по трипати Меџик Џонсон и Тим Данкан, а по двапати Вилис Рид, Карим Абдул-Џабар, Лари Бирд, Хаким Олајџувон, Шекил О’Нил, Коби Брајант, Кави Леонард и Кевин Дурент.