Српскиот центар е само третиот европски кошаркар што е прогласен за т.н. МВП во една сезона
Српскиот кошаркар Никола Јокиќ (26) е избран за најкорисен играч (МВП) во НБА-лигата за сезонава. Успехот е дотолку поголем што центарот на Денвер (211 см) не само што ја освои титулата МВП туку го стори тоа и како досега најслаборангиран играч на т.н. драфт (избор на играчи пред сезоната), односно беше 41. избор (т.н. пик) кога Денвер го избра во 2015 година.
Ниту еден друг МВП во историјата на НБА-лигата не бил толку ниско на драфтот, а подоцна да ја освои најпрестижната индивидуална награда. Пред него двајца најнискорангирани кошаркари на НБА-драфтот (15-ти), а кои потоа успеале да станат МВП, биле Стив Неш (2005 и 2006 година) и Јанис Адетокунпо (2019 и 2020 година).
Јокиќ е само третиот европски кошаркар што е прогласен за МВП по Адетокунпо и легендарниот Дирк Новицки. Јокиќ го предводеше Денвер до третата позиција на табелата во Западната конференција со речиси просечен трипл-дабл ефект. Тој нема пропуштено натпревар од 13 декември 2017 година. Од почетокот на играњето во т.н. „балон“ на Флорида минатата година во услови на пандемија на коронавирусот, лигашкиот дел од сезоната го заврши со просек од 26,4 поени по меч, од тоа 56,6 отсто постигнати од игра и 38,8 отсто за три поени, згора додаде и 10,8 скока, 8,3 асистенции, 1,3 украдена топка. За помалку од шест сезони во НБА-лигата, Јокиќ трипати во низа беше дел од олстар-дуелите (2019-2021), а по еднаш влезе во идеалната (2019) и еднаш во втората олстар-петорка (2020). Тој, исто така, беше и дел од најдобрата дебитантска петорка во 2016 година. Г.И.