Тој е првиот кошаркар што најбрзо, само со 27 меча, успеал да стигне до 600 поени, 300 скока и 150 асистенции во плејофот на НБА-лигата

КОШАРКА

Денвер со спектакуларна игра избори да игра седми и решавачки кошаркарски натпревар во полуфиналето од плејофот на Западната конференција во НБА-лигата, откако го совлада Лос Анџелес клиперс, со 111-98 (26-34, 21-29, 30-16, 34-19), и со тоа ја израмни резултатската серија на 3-3. Предводен од српскиот центар Никола Јокиќ (34 поени, 14 скока и седум асистенции), Денвер до триумфот дојде со целосен пресврт, откако имаше негатива и од 19 поени. Седмиот натпревар на програмата е утре, во 3 часот.

Со новите бројки на теренот во плејофот, Јокиќ испиша нова историја во најсилната кошаркарска лига на светот. На ниту еден играч во историјата на НБА-лигата не му биле потребни помалку мечеви во плејофот (27) за да стигне до бројката од 600 поени, 300 скока и 150 асистенции. Вакво остварување не им успеало ниту на Мајкл Џордан, Меџик Џонсон, Леброн Џејмс…
Прв финалист во Западната конференција е Лос Анџелес лејкерс. Во Источната конференција, пак, првиот меч од финалето помеѓу Бостон и Мајами е утре (00.30 ч.).