Кошаркарската репрезентација на Македонија загуби од Русија со 77-94 во денешниот квалификациски меч за Европското првенство (ЕП) одигран во Перм, со што ги намали шансите за пласман за континенталниот собир.
Русија имаше контрола врз мечот и беше во постојано водство по изедначениот почеток во кој „црвено-жолтите“ водеа со 17-16. Домашната селекција веќе на полувреме стекна предност од 51-33 која успеа да ја одржи до крајот.
Кај Македонија најефикасен беше Војдан Стојановски со 18 поени, додека Џејкоб Вајли забележа 16, а кај Русија се истакна Џоел Боломбој со 19 коша.
Русија со денешната победа обезбеди учество на ЕП додека Македонија мора да ги добие следните два меча против Италија и Естонија, како и да се надева на пораз на Естонците од Русија, за да се најде на завршниот турнир. Естонија денеска ја совлада Италија со 105-101 по продолженија.