Комесарот на НБА-лигата, Адам Силвер, ги објави плановите за промена на системот на натпреварување во НБА, а една од најважните новини би бил своевидниот куп, односно есенски турнир, кој би носел и дополнителен трофеј. Купот би се одржувал во септември, а на него би учествувале осум екипи, кои, пак, би се квалификувале во текот на стандардните натпревари на почетокот на сезоната.
Но оваа идеја не наиде на големо воодушевување меѓу играчите, на кои, пак, традиционално единствена цел кон која се фокусираат им е трофејот „Лари Обрајан“, кој го добива шампионот во НБА-лигата, па, така, постои опасност многу големи ѕвезди и да не настапат на него, односно да ги искористат петте дена одмор додека трае турнирот.
Освен купот, НБА сака да воведе и плејин во пресрет на доигрувањето, во кој екипите што се пласирале помеѓу седмото и 10-то место би се бореле за последните две места во плејофот во својата конференција. Планот е, всушност, да се укине поделбата на Источна и Западна конференција, кога во доигрувањето ќе останат само четирите најдобри клуба, што, пак, би овозможило во големото финале да играат и две екипи од иста конференција.