ЛОИ треба да почнат на 23 јули 2021 година, што значи дека тренинг-кампот би бил во почетокот на месецот, токму кога почнува и купувањето играчи во НБА
По седмото разочарувачко место на Светското првенство (СП) во кошарка во Кина, САД решија да се вратат на Летните олимписки игри (ЛОИ), и тоа во најдобриот состав. Во најголем број веќе беше познат списокот на кандидатите за репрезентацијата, но појавата на коронавирусот и поместувањето на терминот на ЛОИ за една година значат и измена на плановите на САД.
Агенцијата АП пренесува дека ако НБА-сезоната 2020/2021 заврши пред јули, како што и се очекува, ќе има проблеми кога ќе почне преодниот рок, односно кошаркарите што веќе станале слободни нема многу да ризикуваат со репрезентативни тренинзи пред потпишувањето на новите договори. Ако ЛОИ беа одржани годинава, би бил неизвесен само Ентони Дејвис, а идното лето ќе бидат слободни Леброн Џејмс, Кавај Ленард, Донован Мичел, Крис Пол, Бем Адебајо, Бредли Бил, Кајл Лаури, Џејсон Тејтум, Си Џеј Мекалум…
ЛОИ треба да почнат на 23 јули 2021 година, што значи дека тренинг-кампот би бил во почетокот на месецот, токму кога почнува и купувањето играчи во НБА. Сепак, многу работи во врска со ова ќе зависат токму од тоа како ќе се одвива понатаму пандемијата на коронавирусот.