Според статистичките податоци на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), просекот на гледачи во првите два натпревара во осумте групи во февруарските квалификации за Европското првенство (ЕП) во 2021 година изнесува 4.600 по меч, односно повеќе од 80 отсто искористеност на спортските сали во Европа, што е позитивен показател.

Според ФИБА, 11 од вкупно 32 натпревари во осумте квалификациски групи биле целосно распродадени, со што просекот на гледаност е зголемен за повеќе од 5.000 гледачи, или 81 отсто искористеност.

А македонската репрезентација, пак, е една од петте најгледани во овој прв квалификациски циклус за ЕП 2021 или, поточно, е на високото трето место. Така, дуелот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје против Естонија го следеле над 5.000 гледачи, а во арената „Молот“ против Русија 7.099, што, пак, е трет по гледаност во 2-то коло на овие квалификации.

Најмногу посетители имало на средбата во арената „Глоуб“ во Стокхолм, каде што на дуелот Шведска – Турција биле присутни 11.390 гледачи. Следува мечот во Сарагоса помеѓу Шпанија и Полска, со 8.661. Солидна посетеност имало во Вилнус, каде што играле Литванија – Чешка (6.591), и во Белград, на средбата Србија – Грузија (5.257).
Близу 5.000 навивачи присуствувале во Тузла, каде што се сретнале БиХ и Грција, потоа во Алмере, каде што Холандија беше домаќин на Хрватска, но и на мечевите Франција – Црна Гора, односно Велика Британија – Германија. 


Пет најпосетени меча,
2. коло
Шведска – Турција 11.390 гледачи
Шпанија – Полска 8.661
Русија – Македонија 7.099
Литванија – Чешка 6.591
Србија – Грузија 5.257