Задоволни сме сите, напорно работевме и испочитувавме сѐ што требаше да се испочитува на натпреварот. Се бодревме и се боревме заедно, па на крајот резултатот е во наша корист, вели капитенот Бојан Трајковски

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Македонската машка кошаркарска репрезентација пред околу стотина гледачи ја победи Швајцарија со 67-61 во возвратниот дуел и со тоа и се реваншираше за речиси идентичниот пораз во првиот меч (62-67), во рамките на вториот меч од претквалификацискиот турнир, група Ф, во Скопје, за пласман во квалификациите на Светското првенство (СП) 2023 година. Како што е познато, во второто коло црвено-жолтите славеа над Словачка со 69-47 и денеска (19 ч.) повторно ќе ги одмерат силите со Словачка, во последниот дуел на турнирот во Скопје. Во македонските редови на мечот со Швајцарија, најпрецизен беше Адем Мекиќ со 16 поени, додека Бојан Трајковски впиша 15, а кај Швајцарците, Џонатан Казади уфрли 15 коша. Синоќа вторпат силите на паркетот ги одмерија селекциите на Словачка и на Швајцарија.
– Задоволни сме сите, напорно работевме и испочитувавме сѐ што требаше да се испочитува на натпреварот. Се бодревме и се боревме, сите бевме заедно, па на крајот резултатот е во наша корист. Швајцарија е одлична репрезентација, која со наназад расте како национален тим, така што на крајот добро е што ѝ се реванширавме за поразот – изјави капитенот на македонската репрезентација, Бојан Трајковски.
Македонија речиси е пласирана во квалификациите за СП 2023 и тоа ќе го стори првпат по неуспехот во квалификациите пред четири години. Само чудо може(ше) да ја спречи Македонија да не успее во својата намера, односно само под услов Швајцарија да ја совлада Словачка (играа синоќа), а Словачка, пак, денеска да ја „торпедира“ Македонија со повеќе од 60 поени разлика, што се чини е невозможна мисија, со оглед на тоа што, покрај големата кош-разлика, Словаците беа и поразени од избраниците на македонскиот селектор Драган Бајиќ во првиот меѓусебен меч во Скопје.
Првопласираните две селекции од турнирот во Скопје ќе бидат дел од главните квалификации за СП, во кои ќе играат вкупно 32 селекции.


Табела по три кола

Македонија 3 2 1 5
Швајцарија 3 1 2 4
Словачка 2 1 1 3

синоќа
Словачка – Швајцарија
денес
Македонија – Словачка (19 ч.)