Македонските кошаркари убедливо ја надиграа Романија со 90-76 (20-19, 23-16, 24-17, 23-24) и со максимални четири бода загосподарија во групата Б од вторите претквалификации за ЕП 2021
Македонската машка репрезентација е на добар пат да ја отвори влезната врата за квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2021 и на тој начин да се врати таму каде што ѝ е местото. Избраниците на селекторот Јорданчо Давитков по неодамнешната победата над Косово во Приштина, во неделата, во СЦ „Борис Tрајковски“, убедливо ја надиграа Романија со 14 поени разлика, 90-76 (20-19, 23-26, 24-17, 23-24), која се спротивстави само во првите 15 минути, поточно до моментот кога жолто-црвените поставија поцврста зонска одбрана.
Подобриот удар од игра (49-39 отсто), потоа колективната игра со 22 асистенции (16 гостинот), како и повеќето собрани топки под двата коша (48-31), само ја надградија солидната разлика, која може да влезе во игра само при евентуален ист број бодови. Со вториот триумф Македонија загосподари на врвот во групата Б со максимални четири бода, Романија и Косово имаат по еден бод. Следниот меч Македонија треба да го игра на 2 декември во Скопје, против Косово.
– Заслужено победивме. Имајќи предвид дека разликата се движеше од 10 до 15 поени, сметам дека победата со 14 поени е објективен резултат. Романија одигра над очекуваното, посебно погодија некои отворени удари за три поени. Oстваривме две победи за три дена и сме на добар пат да се вратиме таму каде што треба. До мечот со Косово има време, сега треба да се вратиме во клубовите да поработиме, а потоа пак да се собереме за третиот меч – вели Давитков.
Капитенот Војдан Стојановски беше најефикасен со 21 кош, 13 скока и пет асистенции, а двоцифрен број поени имаа и Бојан Трајковски (21 поен, уште и седум скока), Ричард Хендрикс (14 п., 7 ск., 2 ас.), Александар Костоски (13 п., по пет скока и асистенции) и Дамјан Стојановски (11 п., 7 ск., 2 ас.), во листата на стрелци се запишаа и Стојан Ѓуроски (осум) и Љубомир Младеновски (два).
Пласман во квалификациите за ЕП 2021 обезбедуваат само првопласираните репрезентации од четирите групи, а другите ќе играат во уште еден претквалификциски циклус.