По дуелот со Хрватска, која еднаш настапила на ЕП во 1995 година, в сабота е средбата со Германија, која има 14 учества на ЕП и една бронза во 1997 година
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2021 ЗА ЖЕНИ
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија во Рига (Летонија), во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година во Франција и во Шпанија, во групата И, денеска од 15.30 часот треба да игра со Хрватска, а в сабота (15.30 ч.) и со Германија. Македонија ќе настапи засилена со една од ѕвездите во ВНБА-лигата, Девана Бонер, и со Анжелика Митрашиновиќ.
– Искрено, не знам многу за Хрватска или за Германија, но се надеваме дека можеме да се натпреваруваме со нив и да победиме. Имав неколку тренинзи со селекцијата, па се надевам дека тоа ќе помогне да бидам подготвена за мечевите. Девојките се навистина млади, работат напорно и сакаат да бидат подобри и да победат – изјави за официјалната страница на Кошаркарската федерација на Македонија Бонер, која е трет стрелец во најквалитетната женска кошаркарска лига, со просек од 19,7 поени по средба.
Хрватска еднаш настапила на ЕП, во 1995 година. Германија има 14 учества на ЕП и има една бронза во 1997 година. Во овие квалификации неа ја предводи нов селектор, Волт Хопкинс, актуелниот шеф на стручниот штаб на ВНБА-екипата Њујорк либерти. Од составот што играше на првите два меча ќе нема три кошаркарки, како што објавија од германската федерација.
– Иако сме без капитенката Ива Бркиќ, во тимот имаме многу млади и талентирани кошаркарки, кои можат да играат брза и атрактивна кошарка уште низа години. Ќе се обидеме да оствариме две победи, кои речиси сигурно ќе нѐ однесат на ЕП – изјави за хрватските медиуми селекторот на Хрватките, Стипе Бралиќ.
Првопласираните од секоја од деветте групи, како и петте најдобри второпласирани репрезентации ќе играат на ЕП 2021. По првите две кола, на табелата води Хрватска со четири бода, Германија и Летонија имаат по три, а Македонија два.