ИЗБОР НА АГЕНЦИЈАТА АП
Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, во избор на познатата новинската агенција „Асошиејтед прес“ (АП), е најдобар спортист на светот за 2020 година, што е уште едно признание за него, по освоениот шампионски прстен и наградата за најкорисен играч во финалето на НБА-лигата.
Ова е четврти пат како феноменалниот Џејмс ја освојува оваа награда по 2013, 2016 и 2018 година, со што се израмни со голферот Тајгер Вудс и со велосипедистот Ленс Армстронг. Втор во изборот на АП, е квотербекот (додавачот) во американски фудбал, член на Канзас сити, Патрик Махоумс, а трет е шампионот во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон.
АП ги избира најдобрите спортисти од 1931 година. Лански лауреати беа кошаркарот Кавај Ленард и гимнастичарката Симон Бајлс.