Со заработка од 92,4 милиони долари, кои вклучуваат плата и спонзорства, Џејмс има рекордна годишна заработка на активен кошаркар, пишува „Форбс“
Платите во НБА-лигата во последните неколку години значително се зголемија, но, сепак, најголемите кошаркарски ѕвезди повеќе заработуваат надвор од теренот. Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, е најплатениот кошаркар во НБА-лигата за сезоната 2019/2020, пишува магазинот „Форбс“. Тој заработил двојно повеќе од спонзорства, наспроти 270-те милиони долари како плата во текот на 16-те години професионално играње.
Со заработка од 92,4 милиони долари, кои вклучуваат плата и спонзорства, Џејмс е најплатен играч во НБА-лигата шест години по ред, што е рекордна годишна заработка на активен кошаркар.
Четирикратниот најкорисен (МВП) НБА-кошаркар годинава потпиша уште неколку спонзорски договори, а има компанија за дигитални медиуми и продуцентска фирма. Спонзорските активности на Џејмс сезонава се проценуваат на 55 милиони долари, пишува „Форбс“.
Втората позиција на листата на „Форбс“ ја има кошаркарот на Голден стејт вориорс, Стивен Кари, со вкупен приход од 85,2 милиони долари. Платата на Кари изнесува 40,2 милиони долари, што е и највисока плата во историјата на НБА, а неговите надворешни договори годинава ќе му донесат приход од 45 милиони долари. Како и Џејмс, и Кари има своја продукциска компанија, која копродуцира нова драма со тема од кошарката.
Третото место на листата ја има кошаркарот на Бруклин нетс, Кевин Дурант, чија заработка сезонава ќе достигне 73,2 милиони долари. По основа на плата во изминативе 12 сезони, Дурант заработил 187 милиони долари.
Десетте најплатени играчи во НБА се очекува да заработат кумулативни 600 милиони долари годинава, вклучувајќи и 250 милиони долари од спонзорства, настапи, маркетинг и медиуми.
Најплатени кошаркари во НБА
Леброн Џејмс 37,4 55 92,2
Стивен Кари 40,2 45 85,2
Кевин Дурант 38,2 35 73,2
Расел Вестбрук 38,5 18 56,5
Џејмс Харден 38,2 17 55,2
Кајри Ирвинг 31,7 20 51,7
Клеј Томпсон 32,7 15 47,7
Крис Пол 38,5 8 46,5
Јанис Антетокумпо 25,8 20 45,8
Демијан Лилард 29,8 14 44,8
листата е за сезоната 2019/2020, првата колона се платите, втората спонзорствата, а третата е вкупната сума, сите во милиони долари
Извор: Форбс