Пред спортската сала на Лос Анџелес лејкерс, во која Брајант ја помина целата своја кариера, веднаш по објавувањето на тажната вест спонтано почнаа да се собираат илјадници луѓе, а тажно беше и на мечевите во НБА-лигата

Светот, и два дена по загинувањето на еден од најголемите кошаркари во историјата Коби Брајант, е во шок и неверување. Кошаркарот, кој остави неизбришлива трага во најсилната лига во светот, остави и неизбришлива болка кај сите љубители на спортот, а особено кошарката. Славната дваесет и четворка трагично го загуби животот во хеликоптерска несреќа во неделата, во близината на Лос Анџелес, заедно со својата 13-годишна ќерка Џана Марија, одејќи на меч на кој требало да настапи неговата ќерка. Најверојатна причина за несреќата е густата магла. Имаше 41 година.

Коби е единствениот играч во историјата чии два дреса (8 и 24) се повлечени од употреба. И двата ги носеше играјќи за Лос Анџелес лејкерс. Во својата НБА-кариера, Коби постигна 33.643 поени (во просек 25 поени по меч), имаше 7.047 скока (5,2) и 6.306 асистенции (4,7). Со 34 години и 104 дена (1 февруари 2010), тој стана најмладиот играч во историјата, кој стигнал до бројката од 30.000 поени.

Брајант имаше импресивна кариера полна со рекорди. Играше во НБА-лигата на позицијата бек-шутер и беше член на Лос Анџелес лејкерс. Клубот Шарлот хорнетс го избра во првиот круг на НБА-драфтот во 1996 години, па Коби во НБА стигнал директно од средно школо, со што станал најмлад кошаркар, со 17 години. Со Лејкерс пет пати бил шампион. Две сезони (2006 и 2007) беше најдобар стрелец во лигата. Десет пати е избран во најдобрата петорка во лигата, а во 1997 победил во натпреварот во забивање.

На мечот против Торонто, во 2006 година, на еден меч постигнал вкупно 81 кош, што е втор најдобар резултат за еден кошаркар во историјата на НБА, по неверојатните 100 поени на Вилт Чемберлен во 1962 година. Во 2008 година е прогласен за најкорисен играч во регуларниот дел на сезоната. Со американската селекција освоил злато на ЛОИ 2008 и 2010 година. На последниот натпревар во својата кариера против Јута, со 38 години, постигна 60 поени. Во текот на својата кариера добил неколку прекари, а последниот беше Црна Мамба.


НЕКОИ ЦИТАТИ НА БРАЈАНТ

Најважната работа е да се потрудиш да ги инспирираш луѓето како да бидат најдобри во она со кое се занимаваат.
Натпреварувањето е она што го посакував целиот живот.
Тоа што луѓето го гледаат на теренот не сум јас, тоа е другата страна за мене.
Јас го ловам совршенството.
Обожавам да играм еден на еден. Никогаш не сум изгубил.
Сите негативни работи (притисок, предизвик), се шанса да се истакнам.
Овие млади играчи играат дама. Јас играм шах.
Ако се плашиш од неуспех, најверојатно, и ќе го доживееш.
Да го чуваш Мајкл Џордан претставува врвен предизвик.


„Оскар“ во 2018 година

Еден месец пред својот последен меч, Коби Брајант на прес-конференција изјавил дека негово најомилено хоби му е писателството и дека имал идеи за сценарија за идни документарни филмови. Во 2018 година за делото „Драга кошарка“ ја добил наградата „оскар“ во категоријата за најдобар краткометражен анимиран филм.