Познати се сите 24 екипи што ќе настапат идната сезона во кошаркарскиот Еврокуп. Меѓу нив е и шпански клуб Хувентуд, чии бои ги брани Ненад Димитријевиќ. Тоа значи дека ако македонскиот репрезентативец не ја промени играчката средина во меѓувреме, ќе биде пред голем предизвик во ова квалитетно клупско натпреварување. Екипата на Хувентуд, заедно со француски Нантер 92 и италијанска Венеција, ќе настапи на ова натпреварување со специјална покана.
Покрај овие три екипи, во Еврокупот ќе играат и Будуќност, Монако, Бреша, Партизан, Башахшехир, Локомотив Кубан, Цедевита Олимпија, Скајлинерс Франкфурт, Бурсаспор, Гран Канарија, Бург, Виртус Болоња, Лиеткабелис, Антверп, Макаби Ришон, Левалоа, Промитеас, Ратиофарм Улм, Андора, Уникаха, Уникс.
Од нив осум се екипи што во сезоната 2019/2020 стигнаа до четврт-финалето, кое, пак, не се одигра поради пандемијата на коронавирусот.
Првиот дел од Еврокупот треба да се одигра од 30 септември до 16 декември, четврт-финалето од 2 до 10 март, полуфиналето од 16 до 24 март, додека финалната серија е закажана од 6 до 14 април 2021 година.