Заради претпазливост не е исклучена можноста да се договориме првенството да се игра и во т.н. „балон“, односно така да ја завршиме барем првата полусезона, вели генералниот секретар на КФМ, Владимир Георгиевски
КОШАРКА
Резервиран оптимист сум што се однесува до почнувањето на новата првенствена сезона. Сепак, темпото ќе го диктираат секојдневните настани, а тоа никој не може да го предвиди во моментов. Доволно е еден-двајца кошаркари да се заразат од ковид-19, па да настанат проблеми и првенството да биде прекинато. Да се надеваме дека сѐ ќе биде во најдобар ред иако последниот збор ќе го имаат државните здравствени органи, вели генералниот секретар на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Владимир Георгиевски.
Сепак, многу работи по ова прашање се очекува да бидат појасни по денешниот состанок на КФМ со Здружението на прволигашите.
– Денеска треба да одржиме состанок со Здружението на прволигашите, на кое ќе се разговара токму на оваа тема. Заради претпазливост не е исклучена можноста да се договориме првенството да се игра и во т.н. „балон“, односно така да ја завршиме барем првата полусезона. А тоа значи натпревари трипати неделно со играње во две сали, кошаркарите да бидат сместени во еден хотел и секако со почитување на здравствените протоколи. Засега нема да има публика на натпреварите – вели Георгиевски.
Новата сезона во Првата лига – мажи треба да почне в сабота, со учество на 12 клуба, што значи ќе има 22 кола во првиот дел. Првопласираните шест екипи (со пренесени бодови од првиот дел), продолжуваат во Суперлигата, а оние екипи (исто така со пренесени бодови од првиот дел), кои ќе завршат од 7-то до 12-то место ќе разигруваат во плејаутот.
Извлечена е и ждрепката, па, така, во 1-то коло двојките во машката лига се: Академија ФМП – Гостивар, ТФТ – Куманово, Кожув – Пелистер, МЗТ Скопје Уни банка – Еуро никел 2005, Работнички – МЗТ Скопје Аеродром и Вардар – Црн дрим.
Во Суперлигата за жени ќе се натпреваруваат 14 клуба поделени според географската припадност во две групи (Исток и Запад) со по седум екипи. Првопласираните четири екипи ќе обезбедат пласман во плејофот и ќе играат за шампионската титула, а оние од 4-то до 7-то место во двете групи ќе продолжат во плејаут-лигата. Според предвидениот план, натпреварите треба да почнат на 10 октомври.