Најдобрите стрелци на НБА-клубовите Вашингтон визардс и на Феникс санс, Бредли Бил и Девин Букер го потврдија своето учество за репрезентацијата на САД на кошаркарскиот турнир на претстојните Летни олимписки игри во Токио.
Ѕвездата на Визардс, Бил, сезоната ја заврши како најдобар стрелец во Источната конференција со просек од 31,3 поени по натпревар.
Неговиот помлад колега, Букер, кој со Феникс ќе игра во финалето на Западната конференција, во регуларниот дел од сезоната забележа просек од 25,6 поени.
Тренинг-кампот на американската репрезентација ќе почне на 6 јули во Лас Вегас.
Селекторот на САД Грег Попович ќе го објави списокот на кошаркари кои ќе играат на ЛОИ за десет дена.
Покрај Бил и Букер, учеството на ЛОИ го потврдија и кошаркарите на Портланд, Бостон и на Голден стејт – Демијан Лилард, Џејсон Тејтум и Дрејмонд Грин.