Кадетското ЕП во Скопје претставува нов голем предизвик за успешен настап на оваа репрезентацијата, која сметам дека има сили да го оствари, вели генералниот секретар на КФМ, Владимир Георгиевски
Генерално очекувам напредок во сите категории на македонските селекции во машка и во женска конкуренција. Секако, посакувам покрај кадетите (категорија до 16 години – н.з.), кои засега се единствени што се натпреваруваат во најквалитетната А-дивизија, да имаме уште некоја селекција што ќе стигне дотаму. Најблиску е машката селекција до 18 години, која лани со освоеното четврто место, за малку не успеа да обезбеди влез во најквалитетното друштво, вели генералниот секретар на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Владимир Георгиевски.
Македонија идната година ќе биде домаќин на Европско првенство (ЕП) дивизија А за кадети, што е нов мотив за добар резултат.
– И минатата, а и годинава се изборивме да бидеме домаќини на ЕП. Лани тоа беше женското ЕП до 18 години, а годинава машкото кадетско ЕП. Тоа, се разбира, покрај добрата организација, која е потребна за вакви манифестации, е и нов голем предизвик за успешен настап на оваа репрезентацијата, која сметам дека има сили да го оствари – рече Георгиевски.
Според Георгиевски, многу работи во помладите репрезентативни селекции ќе бидат прецизирани во јануари.
– Дали и кои измени ќе претстојат во самите селекции, односно дали ќе дојде до одредени промени на сегашните селектори по категории, секако во насока на постигнување уште подобри резултати, кои играчи ќе останат, а кои ќе одат во погорните категории, конечниот збор ќе го има Стручниот совет, кој ќе се состане во јануари в година – изјави Георгиевски.
Во декември ќе се дознаат ривалите за младинските ЕП
На 10-11 декември во Минхен, Германија ќе биде влечена ждрепка во дивизиите А, Б и Ц, по која ќе бидат познати групите за сите младински европски првенства (ЕП). Секако, најголемо внимание ќе предизвика распоредот на групите на ЕП до 16 години (дивизија А), кое ќе се одржи во Скопје (14-27 август). На претходното ЕП во Удине (Италија), македонските кадети завршија на 12-то место. Преостанатите ЕП на кои Македонија ќе има свој претставник (сите во дивизија Б) ќе се одржат во следниве термини: женското кадетско ЕП (17-26 јули) во Сараево (БиХ), женското јуниорско ЕП (3-12 јули) во Оберварт, Гусинг и во Фурстенфелд (Австрија), машкото јуниорско ЕП (24 јули-2 август) во Орадеа (Романија), а младинците ќе играат на ЕП (10-19 јули) во Тбилиси (Грузија).
НАСТАПИ НА ЕП ВО 2019 ГОДИНА
СЕЛЕКЦИЈА ПЛАСМАН
кадети, дивизија А 12
јуниори, дивизија Б 4
младинци, дивизија Б 16
кадетки, дивизија Б 22
јуниорки, дивизија Б 21