ИСТОРИЈАТ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА ВО КОШАРКА (8)

Кошаркарското Светско првенство (СП) во 2002 година се одржало во Индијанаполис (САД) и било последно на кое Југославија настапила под тоа име. Од групите во следната фаза се пласирале Шпанија, Југославија, Канада (од групата А), Бразил, Порторико, Турција (Б), САД, Германија, Кина (Ц), Аргентина, Нов Зеланд и Русија (Д). Во првата група во втората фаза Порторико завршил прв, пред Шпанија, Југославија и Бразил. Во втората група во мечот за првото место, Аргентина ги победила САД, Германците биле трети, а Нов Зеланд четврти.

Во четврт-финалето Германија ја совладала Шпанија (70-62), Аргентина била поуспешна од Бразил (78-67), а во неизвесен меч, Нов Зеланд го победил Порторико (65-63). Во големото дерби, Југославија со 81-78 ги совладала САД, предводени од Предраг Стојаковиќ со 20 поени, а кај Американците отскокнувал Реџи Милер со 19. Во полуфиналните дуели Аргентина била поуспешна од Германија (86-80), Југославија го надиграла Нов Зеланд (80-78). Во мечот за третото место Германија славела над Нов Зеланд (117-94), а во големото финале во Индијанаполис (17.079 гледачи) Аргентина имала напад за победа, но Југославија изборила продолжение, кое го добила со 9-2 или вкупно со 84-77. Бодирога со 27 коша бил прв играч на мечот. Дирк Новицки бил прогласен за најкорисен играч (МВП) и бил прв стрелец на СП, со 24 поени во просек по меч, а во идеалната петорка биле и Стојаковиќ, Ману Џинобили, Јао Минг и Камерон.

Следното СП, во 2006 година, се одржало во Јапонија, првпат со 24 репрезентации. Во четврт-финалето Аргентина ја победила Турција (83-58), Шпанија славела со Литванија (89-67), Грција против Италија (73-56), а САД против Германија (85-65). Во полуфиналните дуели Грција била подобра од САД (101-95), додека Аргентина загубила од Шпанија (74-75). Хорхе Гарбахосо ги предводел Шпанците со 19 поени, а Ману Џинобили, пак, Аргентинците со 21. Бронзата ја освоиле САД, кои славеле над Аргентина (81-96). Во мечот за златото во Саитама (пред 15.500 гледачи), Шпанија била убедлива против Грција (76-47), а импонирале Хорхе Гарбахоса и Хуан Карлос Наваро, и двајцата со по 20 коша. Пау Гасол бил избран за МВП, а Јао Минг бил најпрецизен со 25,3 поени во просек по меч. Во најдобрата петорка на ова СП влегле и Гарбахоса, Џинобили, Теодорос Папалукас и Кармело Ентони.