Нормално, никој не сака да губи, но одамна не сме одиграле два врзани „тврди“ меча, по кои искрено се надевам дека никогаш повеќе нема да бидеме „топовско месо“ за противниците, туку вистинска конкуренција, вели селекторот Ѓоровиќ

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2021 ЗА ЖЕНИ

Женската сениорска репрезентација на Македонија во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година во Франција и во Шпанија, на турнирот во т.н. балон во Рига, во рамките на ноемврискиот квалификациски прозорец во групата И, ги загуби и двата дуела против фаворизираните ривалки. Прво од Хрватска со 62-80, а два дена подоцна и од Германија со 59-74. Но, во однос на поранешните дуели, кога губеа со повисока разлика, овој пат напредокот беше видлив, а кошаркарките беа засилени и со една од ѕвездите во ВНБА-лигата, Девана Бонер.
– Нормално, никој не сака да губи, но одамна не сме одиграле два врзани „тврди“ натпревара, по кои искрено се надевам дека никогаш повеќе нема да бидеме „топовско месо“ за противниците, туку вистинска конкуренција. Хрватска ја оправда улогата на фаворит, но задоволен сум од ангажманот на целата селекција, која одигра цврсто и карактерно. Против Германија, пак, Анжелика Митрашиновиќ беше маестрална иако играше со повреден зглоб, а Бонер го даде својот максимум и покажа дека е светска класа – изјави, меѓу другото, селекторот Владимир Ѓоровиќ.

Против Хрватска од Македонките предничеа Бонер со 20 поени, 17 скока и седум асистенции (20-17-7), Анжелика Митрашиновиќ со 15-4-3 и Нена Трајчевска со 10-3-1, а против Германија Митрашиновиќ со 30 поени, два скока и шест асистенции, Бонер со 14-11-2 и Трајчевска со 11-2-1.
Во преостанатите средби во Рига, Германија ја победи Летонија со 73-67, а Хрватска загуби од Летонија со 69-83. Во последниот дел од квалификациите, во февруари в година, Македонија треба да ѝ гостува на Летонија, а дома да игра против Хрватска, ако тоа го дозволат здравствените услови, или повторно ќе се игра на едно место, во т.н. балон. Првопласираните од секоја од деветте групи, како и петте најдобри второпласирани репрезентации, ќе играат на ЕП 2021. По првите три кола, на табелата водат Хрватска и Германија, со по седум бода, Летонија има шест, а Македонија четири. 


ГРУПА И

Хрватска – Македонија 80-62
Германија – Летонија 73-67
Македонија – Германија 59-74
Хрватска – Летонија 69-83

ТАБЕЛА
Хрватска 4 3 1 7
Германија 4 3 1 7
Летонија 4 2 2 6
Македонија 4 0 0 4

Следни натпревари: Германија – Хрватска, Летонија – Македонија (4 февруари 2021 година), Летонија – Германија, Македонија – Хрватска (6 февруари).