КОШАРКА
Познати се сите осум клуба-учесници на завршниот кошаркарски турнир од европската Лига на шампионите (ЛШ) на Светската кошаркарска федерација (ФИБА). На турнирот за титулата ќе игра и Стразбур од Франција, а на пехарот ќе атакува и шпанската екипа Сарагоса, во чии редови игра и македонскиот репрезентативец Џејкоб Вајли.
На т.н. фајналејт-турнир ќе играат и победникот од минатата сезона, Сан Пабло Бургос (Шпанија), потоа Нимбурк (Чешка), Хапоел Холон (Израел), Тенерифе (Шпанија), Нижњи Новгород (Русија) и Каршијака (Турција).
Четвртфиналните средби треба да се играат на 5 и на 6 мај, полуфиналните на 7 мај, а мечот за третото место и големото финале се предвидени за 9 мај. Се очекува наскоро ФИБА да го објави и градот домаќин на овој турнир во Лигата на шампионите, како и комплетниот распоред на сите натпревари.