Голем предизвик за мене се овие квалификации за Европското првенство во 2023 година. Знаеме каде сме ние во светот, бевме во последниот барабан при ждрепката и против какви сериозни селекции ќе играме. БиХ беше учесник на претходното ЕП, Белгија беше четврта, а трета на Летните олимписки игри. Но, ја гледам шансата на домашен терен да изненадиме некоја селекција, а зошто тоа не го сториме и на првиот дуел на гости со Германија, вели Александар Ашаданов, новиот селектор на женската кошаркарска репрезентација на Македонија пред квалификациите за пласман на ЕП 2023.

Кошаркарките во СРЦ „Кале“ ќе тренираат двапати дневно до заминувањето за Германија, каде што на 11 ноември треба да го играат првиот меч, а три дена подоцна во Скопје на програмата е натпреварот со БиХ. Денеска попладне тие ќе го имаат првиот некомплетен собир.

– Комуницирав со сите 24 повикани кошаркарки на списокот, но не сите ќе можат да присуствуваат. Тие што се од САД, освен Матеја Николиќ на која колеџот и дозволи да дојде, од Габриела Модева, Снежана Серафимова немаме повратен одговор, оти генерално американските школи не соработуваат и не се под ФИБА-договорите. На првиот ден од собирот нема да бидат и кошаркарките на Бадел 1862, кои имаа натпревар во Бугарија во ВАБА-лигата, а Илина Селцова од Унгарија и Николиќ ќе дојдат со ден задоцнување. Во недела треба да пристигнат Ивона Кожобажиовска, Тијана Митрева, Анџелика Митрашиновиќ и Американката Девана Бонер, така да во понеделник ќе бидеме комплетни – вели Ашаданов.

За селекторот Ашаданов, селекцијата на Белгија е прв фаворит во групата А.

– Белгија е прв фаворит, а од сенка конкурира и БиХ. Сепак, многу ќе зависи и од тоа во кои состави ќе настапат противничките селекции, кои идната недела ќе бидат познати. Најголем наш проблем е што ќе имаме многу малку тренинзи, комплетни ќе бидеме дури в понеделник, кога ќе одржиме еден тренинг, во вторник два и потоа патуваме за Германија. Иако сме најслабо рангирани во нашата група, тоа во никој случај не значи дека треба да се предадеме, напротив треба да го дадеме максимумот на овие први два меча од ноемврискиот квалификациски прозорец – вели Ашаданов.

На ЕП ќе се пласираат првите две селекции од секоја од 10-те групи, како и најдобрите четири меѓу второпласираните. Доколку во тие 14 пласирани се најдат селекциите на Словенија и на Израел, листата ќе биде проширена за една, евентуално две селекции, во зависност од пласманот на репрезентациите-организатори на ЕП. Квалификациите се играат во ноември годинава, потоа во ноември в година и во февруари 2023 година.

Г.И.