Најталентираниот европски кошаркар Лука Дончиќ (19) пружа импресивни партии за Далас маверикс по пристигнувањето во НБА-лигата, со што многумина го вбројуваат меѓу водечките фаворити за добивање на наградата за најдобар дебитант на сезоната, пишува специјализираниот кошаркарски интернет-портал „Јурохупс“.
Словенечкиот тинејџер беше најдобар поединец на Далас во победата над Вашингтон визардс (119-100) со 23 поени, шест скока и три асистенции. За Дончиќ ова беше десетти последователен меч на кој постигна барем 10 поени (има просек од 19,8 коша), што е втора најдолга низа со двоцифрен поентерски учинок за еден 19-годишник во НБА, по првите 17-те мечеви на Кевин Дурент во најсилната светска кошаркарска лига, во сезоната 2007-2008. Дончиќ има 198 поени во првите 10 средби, додека Дурент имаше 201 во ист број на мечеви на почетокот на НБА-кариерата.
Способностите на бекот на маверикс, го импресионираа и тренерот на Вашингтон, Скот Брукс.
– Тој е неверојатен шутер. И веќе се адаптира на линијата за три поени во НБА. Тоа е импресивно. Секогаш кога ќе го видам како игра, се прашувам дали навистина има 19 години. Тој ќе биде суперѕвезда – кажа Брукс.
Дончиќ има вкупно 198 поени, 65 скока и 44 асистенции. Единствено легендарниот Оскар Робертсон имаше подобро деби со 255 погодоци, 102 фатени топки и 92 успешни додавања по 10 меча.