Во последните четири-пет години популарноста на НБА-лигата драстично опаѓа. Ако продолжат сегашните трендови, НБА би можела да изумре, а со тоа и кошарката како спорт, пишува во својата анализа хрватска „Актуалистика“
КОШАРКА
Кошарката, а особено американската НБА-лига, е синоним за елитен спорт, борба, натпреварување, неизвесност и врвна забава. НБА го претставуваше најдоброто од спортовите во изминатите четириесет години. Триото суперѕвезди Мајкл Џордан, Коби Брајант и Леброн Џејмс се најзаслужни за извонредниот подем на НБА-кошарката, благодарение на што франшизата стана најпрепознатливата спортска франшиза во светот, заедно со фудбалската Лига на шампионите на УЕФА. Сепак, во последните четири-пет години популарноста на НБА драстично опаѓа. Ако продолжат сегашните трендови, НБА би можела да изумре, а со тоа и кошарката како спорт, пишува во својата анализа хрватска „Актуалистика“.
Телевизиската гледаност на НБА опаѓа со години. Во сезоната 2010/2011, натпреварите на ABC имаа во просек повеќе од пет милиони гледачи и иднината изгледаше светло. Сепак, трендовите на опаѓање станаа изразени по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот. Лани просечниот број на гледачи падна на само 1,4 милион (пад од 72 отсто). Сезонава гледаноста на ЕСПН во НБА е намалена за дополнителни 28 отсто. Гледаноста на ТНТ се намали за 25 отсто во првиот дел од сезоната. Плејофот и финалето на НБА имаат нешто подобри бројки од регуларната сезона, но има и пад, па помалку луѓе го гледаат крајот на сезоната. Финалето на НБА во 2022 година го гледаа 16,8 милиони гледачи, додека финалето на колеџ-првенството на НЦАА во 2023 година го гледаа импресивни 18,1 милиони луѓе.
Во текот на изминатите 20 години лигата доживеа експлозија во шутирањето за три поени. Бројот на шутеви на тројки се зголеми од просекот 15,8 обиди по меч во сезоната 2004/2005 на неверојатни 37,5 отсто во тековната сезона. Лани просечниот број на обиди за три поени беше 35,1; во сезоната 2012/2013. беше 20; а во 1993/1994 само 9,9 обиди. Кошаркарот Стеф Кари е најзаслужен за драстичното зголемување на шутирањето за три поени. И покрај зголемувањето на обидите за тројки, процентот на шутирање за три поени остана непроменет, движејќи се околу 35 отсто. Неефикасноста од линијата за три поени не е проблем само за тимовите, туку и за целата лига. Дури и брзите контранапади завршуваат со шутеви за три поени, пишува „Актуалистика“.
Слабите одбрани на екипите во НБА ги намалуваат интензитетот и неизвесноста на натпреварите. Кога тимовите постигнуваат над 130 поени без вистински отпор од противничката одбрана, натпреварувачкиот дух и автентичноста на кошарката што ги сакаа постарите навивачи се губат. НБА станува повеќе забавно шоу отколку сериозно натпреварување.
Ригорозната арбитража од страна на судиите, а особено изведувањето технички фаули, го забавува темпото на играта и ја прави помалку возбудлива за гледање. Премногу судиски интервенции поради ситни прекршоци создаваат фрустрација кај играчите и навивачите, кои сакаат да видат динамична игра, а не бесконечни паузи поради спорните ситуации и гледање во монитор.
Голем проблем е и недостигот од соперништво меѓу тимовите. Како по правило, играчите остануваат во еден клуб неколку години, а потоа одат во друг клуб, кој е историски ривал на претходниот. Неодамнешната голема размена на играчи во која Словенецот Лука Дончиќ од Далас се пресели во ЛА лејкерс, а Ентони Дејвис отиде во спротивна насока е класичен пример за тоа. Постојат сомнежи дека размената била однапред договорена со цел Џејмс и Дончиќ да создадат нова династија на мегаѕвезди на ЛА лејкерс. Реакцијата од навивачите беше најнегативна при оваа и слични размени на играчи.
Голем недостиг на НБА-кошарката е недостигот од нови заштитни лица. Во текот на 1980-тите и 1990-тите, НБА беше предводена од феноменалниот Мајкл Џордан, во 2000-тите од Коби Брајант, а потоа од Леброн Џејмс. Денес Џејмс има 40 години и е за пофалба што игра, но е несфатливо како тој е сè уште е првата ѕвезда во лигата. Иако има суперѕвезди, тие не станаа заштитни лица на НБА. Делумно затоа што тие не се Американци, туку странци. Преплатувањето на кошаркарските ѕвезди што играат под очекувањата или често се повредуваат дополнително ги фрустрира навивачите и го намалува квалитетот на играта. Навивачите сметаат дека играчите повеќе се грижат за својата заработка отколку за шутирање кон обрачите.
Вкупно 82 натпревари од регуларниот дел од НБА-сезоната се посочуваат од многумина како клучен фактор што го генерира падот на гледаноста. Тоа се премногу мечеви, бидејќи во текот на регуларниот дел од сезоната тимовите се борат само за место во плејофот и предност на домашен терен. Вкупно 82 натпревари во НБА е сосема спротивно од само 17 натпревари во американскиот фудбал. Во американскиот фудбал, секој натпревар е важен и затоа е најпопуларен спорт таму.
Во последниве години НБА им го отежнува следењето на кошарката на навивачите со создавање визуелен хаос.
Во минатото домашниот тим носеше посветли дресови, а гостинскиот потемни, но сега тие правила повеќе не важат. Натпреварите на телевизија понекогаш изгледаат како модни ревии наместо спортски битки.
Ангажманот на лигата во политичко-социјалната арена, на пример гласната поддршка за левичарското движење „Животот на црнците е важен“ во 2020 година, ја изложи НБА на критики од конзервативна Америка и отуѓи некои десничарски ориентирани гледачи. Мешањето на кошарката и политиката стана едно од најконтроверзните прашања во современиот спорт, поларизирајќи ги навивачите. НБА во последно време е помалку вклучена во политиката, но Леброн Џејмс и Стеф Кари јавно ја поддржаа Камала Харис на изборите за претседателка на САД во 2024 година, пишува „Актуалистика“.
Доколку трендовите продолжат, НБА ќе стане трет спорт во Америка, веднаш зад НФЛ, МЛБ и НХЛ. Едно од решенијата е враќањето на играта во рекетот и во рамките на линијата за три поени. Колку се поблиску до кошот, играчите толку полесно постигнуваат поени. Драмата на натпреварите би се зголемила, бројот на шутеви во последната секунда, а одбраната би била посложена оти тимовите би морале да балансираат помеѓу заштита на рекетот и покривање на надворешните шутеви. Тоа би ја подобрило тактичката ситуација и би создало поголема непредвидливост на натпреварите. Зајакнувањето на одбраната и судењето што толерира контакт би ги вратиле во НБА агресивноста што ѝ е потребна и ритамот што публиката го обожава. Платите на играчите не треба да се намалуваат, но тие треба донекаде да бидат условени од нивните перформанси. Играчите денес се платени со десетици милиони долари годишно, без разлика дали играат добро, лошо или воопшто не играат. Навивачите не сакаат да гледаат кошаркари мултимилионери што играат очајно, пишува „Актуалистика“. Г.И.