КОШАРКА
- Нивото на ангажман и обемот на понудите ја одразуваат вербата на пазарот во нашиот предложен модел и огромниот неискористен потенцијал за европската кошарка. Сега ќе ги разгледаме понудите подетално и ќе направиме потесен избор на партнери што ги делат нашата визија и посветеност за забрзување на растот на играта низ целиот континент, рече Марк Тејтум, заменик-комесарот на НБА и главен оперативен директор
Кошаркарската НБА-лига добила неколку понуди од милијарди долари за тимови во предложената Eвропска лига, дознава „Би-би-си спорт“. Првичните планови за НБА Европа се за 10-12 франшизи, кои би останале во лигата на годишно ниво. Според информациите, биле дадени повеќе понуди во вредност помеѓу 500 милиони и една милијарда долари, а има и неколку над границата од една милијарда долари, пишува „Би-би-си“. Најдобрите европски тимови моментно се натпреваруваат во Евролигата, која ја основа Светската кошаркарска федерација (ФИБА), но од 2000 година ја води Евролигата, пишува „Би-би-си спорт“.
Марк Тејтум, заменик-комесарот на НБА и главен оперативен директор, рече дека НБА „добила значителен интерес од низа потенцијални клубови“. Се очекува лигата да биде составена од нови франшизи, тековни кошаркарски клубови и фудбалски клубови, кои можеби веќе имаат, но и не мора да имаат, поврзани кошаркарски тимови, а повеќе од десетина постојни клубови се во преговори со НБА, вклучувајќи и некои од Евролигата, велат извори, пренесе „Би-би-си“. Евролигата не коментираше кога беше прашана од „Би-би-си спорт“ за разговорите, но рече дека е отворена за истражување начини за соработка со НБА-лигата.
Со сегашното работно име НБА Европа, планот е новата кошаркарска лига да почне во сезоната 2027/2028. Можно е да бидат вклучени 16 клуба од целиот континент, а се очекува да учествуваат и клубови од Лондон и од Манчестер, пишува „Би-би-си спорт“.
– Нивото на ангажман и обемот на понудите ги одразуваат вербата на пазарот во нашиот предложен модел и огромниот неискористен потенцијал за европската кошарка. Сега ќе ги разгледаме понудите подетално и ќе направиме потесен избор на партнери што ги делат нашата визија и посветеност за забрзување на растот на играта низ целиот континент – рече Тејтум, пренесе „Би-би-си“. Г.И.
































