Фото: ЕПА

КОШАРКА

  • Разликата во поени може да биде важна. Ако имате шанса да имате 40 поени разлика, треба да го направите тоа, рече тренерот на Минесота, Крис Финч, претходно овој месец, откако неговиот тим ја победи Јута со 40 поени во натпревар од Купот на НБА и уште шутираше тројки за водство со 44 поени пред крајот на мечот, пишува АП. Ова е време за Купот на НБА, а една од необичностите во делот од групната фаза на турнирот е т.н. тајбрејк со кош-разликата

Натпреварот не беше завршен, иако исходот беше решен. Мајлс Тарнер од Милвоки ја прими топката од Јанис Адетокунбо и погоди тројка од аголот, околу шест секунди пред крајот на натпревар од кошаркарската НБА-лига, за водство со 17 поени разлика. Во 78 од 82 натпревари во распоредот на кошаркарите на Милвоки сезонава, тие сигурно не би се тркале по теренот за да постигнат отворена тројка во последните секунди од натпревар во кој победуваат со двоцифрена разлика, туку само би го трошеле времето, би му ја предале топката на судијата и би се упатиле кон соблекувалната, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Но ова е време за Купот на НБА, а една од необичностите во делот од групната фаза на турнирот од четири натпревари е т.н. тајбрејк со кош-разликата. Секој поен може да направи разлика, а во игра се и парите за тимовите што ќе продолжат понатаму на турнирот, пишува АП. Затоа тимовите, разбирливо, се натпреваруваат до крајот на дуелите од групната фаза на Купот, за секој случај ако тајбрејкот влезе во игра.

– Разликата во поени може да биде важна. Ако имате шанса да имате 40 поени разлика, треба да го направите тоа – рече тренерот на Минесота, Крис Финч, претходно овој месец, откако неговиот тим ја победи Јута со 40 поени во натпревар од Купот и уште шутираше тројки за водство со 44 поени пред крајот на мечот.
Пред мечевите синоќа 25 од 30-те тима уште имаа математички шанси за пласман понатаму. А некои од нив ќе се надеваат дека во игра ќе влезе тајбрејкот, пишува АП.
Тимовите сакаат да продолжат во Купот, па во натпреварите од групната фаза ќе продолжат максимално додека не заврши натпреварот, пишува „Асошиејтед прес“. На дуелот Орландо – Бостон во Купот, бекот на Меџик, Џален Сагс, ја прифати топката по својата промашена тројка и од блиску постигна поени за Орландо на 2,4 секунди до крајот на средбата. Селтикс потоа фрли долго додавање низ целиот терен, а Пејтон Причард се обиде да ја спроведе топката во кошот, но беше блокиран од Франц Вагнер на половина секунда пред крајот на мечот. На клупата на Орландо се славеше како да се работеше за победа на тој натпревар, а Орландо водеше со 13 поени разлика, пишува АП.
– Тоа е нешто за кое треба да размислите, апсолутно – рече тренерот на Мајами, Ерик Споелстра.
Тренерот на Голден стејт, Стив Кер, долго време се прашуваше зошто тимовите едноставно не продолжуваат да играат до крајот. Тој нема проблем со тимовите што се обидуваат да продолжат да постигнуваат поени во натпреварите од Купот. Тој, исто така, не би имал проблем ако тимовите го правеа тоа постојано, пишува АП. Н.М.