Турција во четврт-финалето ја победи Полска со 91-77 и по вторпат се пласира во полуфинале на едно Европско првенство (ЕП) откако освои сребро во 2001, додека Грција се врати меѓу првите четири првпат од 2009, откако во четврт-финалето ја совлада Литванија со 87-76
КОШАРКА – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА МАЖИ
Турција во четврт-финалето ја победи Полска со 91-77 и по вторпат се пласира во полуфинале на едно Европско првенство (ЕП) во кошарка за мажи, откако освои сребро во 2001 година. Турција досега на ова ЕП шутира со резултат 11 од 26 од линијата за три поени во елиминациски меч, а првпат има седум играчи со двоцифрен број поени во еден дуел. Статистиката вели дека постигнале 90 или повеќе поени во пет меча ова лето, што е ист број како во текот на изминатите 10 турнири на ЕП. Овие кошаркари се најдобриот тим за додавање засега, со над 25 асистенции во три натпревари во Летонија, што е повеќе отколку во нивните претходни 13 турнири заедно?
– Ја нарекувавме оваа генерација златна, велејќи „доаѓа, доаѓа, имаме време“. Но, сега, тоа е наше време. Секој ден кога стапнуваме на теренот го покажуваме тоа. Не само што ги добиваме натпреварите туку уживаме и во начинот на кој играме – вели турскиот кошаркар Фуркан Коркмаз.
Турција има резултат од 7-0 на ЕП 2025. Од почетокот на овој милениум, само на Југославија (6-0 во 2001), Литванија (6-0 во 2003) и на Словенија (9-0 во 2017) им успеало тоа, откако беше воведен овој формат на натпреварување.
Грција се врати меѓу првите четири во Европа за првпат од 2009 година, откако во четврт-финалето ја победи Литванија со 87-76. Грција ја искористи својата испробана формула со Јанис Антетокумпо и таа повторно успешно функционираше на ЕП 2025. Јанис уфрли 29 коша, а Грција успеа да им се спротивстави на бучните 10.487 навивачи во салата во Рига, од кои големо мнозинство беа навивачи на Литванија. Откако не успеа да го помине четврт-финалето на четири од последните пет ЕП, Грција конечно се проби и ќе се соочи со Турција за место во финалето.
Јанис Антетокумпо, НБА-суперѕвезда, реализираше девет од 15 шута и 11 од 16 слободни фрлања, давајќи 29 коша, со шест скока, две асистенции, четири украдени топки и една блокада. Литванија не можеше да ја искористи извонредната игра на Јонас Валанчиунас со 24 поени и 15 скока. Грција дојде на само две победи до својата трета круна на ЕП по 1987 и 2005 година. Тимот на тренерот Василиос Спанулис е исто така само на една победа до нивниот прв подиум на ЕП по третото место во 2009 година, додека Литванија ја напушта Рига, прашувајќи се што можеше да биде ако стигнеше до своето прво четврт-финале од 2015.
– Моите играчи одлично ја завршија работата играјќи со големо срце пред толку илјадници луѓе од Литванија во многу убава атмосфера – изјави Спанулис.
Со свој коментар и кошаркарот на Литванија, Јонас Валанчиунас.
– И двата тима се бореа до крајот. Тие беа подобри од нас. Бев само среќен што се боревме до крајот, без разлика на сè – изјави Валанчиунас.
Вчера во четвртфиналните двојки играа Финска – Грузија, кои немаат медал досега на ЕП, и Германија – Словенија и двете селекции имаат по едно злато, а Германија е и актуелен светски првак. Г.И.
Шенгун – најмлад играч во историјата со трипл-дабл на ЕП
Алперен Шенгун (23) против Полска постигна 19 поени, 12 скока и 10 асистенции, со што стана најмладиот играч што постигнал трипл-дабл на едно ЕП. Турскиот играч е исто така шести играч што го постигнал овој подвиг (според ФИБА петти, бидејќи блокадите на Вранковиќ не ги брои пред 1995, оти не спаѓале во оваа категорија).
Пред него, тоа го сториле Стојко Вранковиќ (29, Хрватска) во 1993 година (12 коша, 13 скока, 10 блокади), Тони Кукоч (26, Хрватска) во 1995 година (15 поени 12 скокови, 11 асистенции), Андреј Мандац (29, Романија) во 2017 година (14, 10, 11), Матеуш Понитка (29, Полска) во 2022 година (26, 16, 10), Лука Дончиќ (26, Словенија) на ова ЕП (26, 10, 11).
Четврт-финале, резултати
Турција – Полска 91-77
Литванија – Грција 76-87
Финска – Грузија вчера
Германија – Словенија вчера
Полуфинални двојки, петок
Грција – Турција
и победниците од вчерашните дуели