КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029
Романија и Естонија ривали на Македонките
Десетте женски кошаркарски репрезентации што не ја поминаа првата фаза од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2027 година се поделени во три натпреварувачки групи, две од нив со по три селекции учеснички и една со четири, во претквалификациите за ЕП 2029. Така сакаше ждрепката на посебна церемонија, која се одржа во Швајцарија. Во согласност со ждрепката, Македонија ќе игра во групата Ц заедно со Романија и со Естонија. Првопласираните од трите групи и најдобрата второпласирана ќе обезбедат пласман во наредната натпреварувачка фаза. Претквалификации за ЕП 2029, група А: Швајцарија, Исланд, Азербејџан, Ирска, група Б: БиХ, Норвешка, Кипар, група В: Македонија, Романија, Естонија. Г.И.
КОШАРКА
Леброн Џејмс има најмногу победи во НБА-лигата
Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс (41), постави нов рекорд во НБА-лигата според бројот на победи, вклучувајќи го и плејофот. Во победата на ЛА лејкерс против Кливленд (127-113), Џејмс стигна до 1.229-та победа во својата кариера и со тоа го надмина легендарниот Карим Абдул-Џабар на листата на сите времиња, со кого беше изедначен еден ден. Леброн уфрли 14 поени на овој дуел, а имаше шест асистенции и пет скока. Сезонава Џејмс има просек од 20,9 поени, седум асистенции и шест скока по натпревар.
И неговиот соиграч Лука Дончиќ постави нов рекорд на дуелот со Кливленд. Словенецот постигна 42 поена за да стигне до вкупно 600 во март, станувајќи еден од само 10 кошаркари во историјата на НБА-лигата што постигнале најмалку 600 поени за еден месец. Дончиќ со овие 600 поени истовремено стана најдобар стрелец на ЛА лејкерс во еден месец. Г.И.
































