Фото: ЕПА

Екипата на Индијана ја декласира Оклахома, со 108-91, на домашен терен, и на тој начин успеа да израмни на 3-3 во победи

КОШАРКА – НБА, ФИНАЛЕ

Екипата на Индијана ја декласира Оклахома, со 108-91, на домашен терен, и на тој начин успеа да израмни на 3-3 во победи во финалната серија прв до четири победи во плејофот во НБА-лигата. Тоа значи дека седмиот, последен дуел ќе го одлучи новиот шампион на НБА. А, тој натпревар ќе се игра ноќта помеѓу недела и понеделник. Интересно е што за првпат од 2016 година ќе видиме „мајсторка“ во финалето. Во шестиот натпревар немаше многу возбудување, а вториот период беше решавачки оти разликата се зголеми за повеќе од 20 коша.
– Не сакавме противникот да ја слави титулата пред нашите навивачи – рече по мечот Тајрис Халибартон, кој играше 23 минути и уфрли 14 поени, а имаше и пет асистенции. Од другите негови соиграчи, Оби Топин даде 20 поени, Ендру Немхард 17, а Паскал Сиакам 16. Во Оклахома Сити, Шеј Гилџис-Александар беше прв стрелец со 21 поен и четири скока, Џејлен Вилијамс уфрли 16, а Изеа Џо 11 поени.
Индијана продолжува да ги надминува очекувањата. Откако ги победи Кливленд во полуфиналето на Истокот и Њујорк во финалето на конференцијата, тимот од Индијанаполис и во овој финален дуел влезе како аутсајдер. Последен пат се играл седми меч во финалето на НБА во Оукленд во 2016 година. Кливленд тогаш го освои своето единствено првенство во драматичен финиш со тројка на Кајри Ирвинг. Тоа наедно беше огромен пресврт, оти Голден Стејт имаше водство од 3-1 во финалната серија. Г.И.