КОШАРКА
Од 2019 година до лани славеа Торонто, ЛА лејкерс, Милвоки, Голден стејт, Денвер и Бостон, а со годинашниот првак, Оклахома или Индијана, тоа ќе биде најдолгата серија со различни шампиони во историјата на НБА, пишува АП
Финалето на 79-та сезона на кошаркарската НБА-лига, меѓу Оклахома сити тандер и Индијана пејсерс, почнува утре рано наутро и ќе се игра до четири победи. Оклахома досега има една титула, во 1979 година, тогаш со име Сиетл суперсоникс, и уште три финалиња (во 1978, 1996 и во 2012 година), а Индијана има едно учество во финале (2000 г.). Кога комесарот на НБА, Адам Силвер, на еден од финалистите ќе му го предаде трофејот, тоа ќе биде првпат да има седум шампионски франшизи во период од седум години, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Немаше првак на НБА-лигата две години по ред од Голден стејт во 2017 и 2018 година, потоа славеа Торонто во 2019 година, Лос Анџелес лејкерс во 2020, Милвоки во 2021, Голден стејт во 2022, Денвер во 2023 и Бостон во 2024 година, а со годинашниот нов првак тоа ќе биде најдолгата ваква серија на различни шампиони во историјата на НБА, пишува АП.
Трета сезона по ред за титулата играат различни екипи (во 2023 година Денвер и Мајами, лани Далас и Бостон), а од 2018 година 12 клуба беа финалисти (Голден стејт трипати, Мајами и Бостон по двапати, а по еднаш Кливленд, Торонто, ЛА лејкерс, Феникс, Милвоки, Денвер, Далас, Оклахома и Индијана). Н.М.