КОШАРКА
- Комесарот на НБА-лигата, Адам Силвер, во повеќе наврати изјави дека до крајот на годинава ќе се донесе одлука дали лигата ќе додаде една или две нови франшизи во наредните години
Кошаркарската НБА-лига може следната недела да се приближи чекор поблиску до додавање тимови во Сиетл и во Лас Вегас, кога за проширувањето, кое е тема веќе некое време, повторно ќе биде дискутирано од Одборот на гувернери на лигата, изјавија за агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП) две лица запознаени со ова прашање. Планирано е гласање за тоа дали да се продолжи со овие два града како единствени цели за проширување во овој момент, велат изворите, кои зборуваа под услов на анонимност, оти тие детали не беа објавени јавно, пишува АП. Ќе биде потребно мнозинство од три четвртини од гувернерите, што значи дека 23 од 30-те тима ќе мора да го одобрат предлогот. Се очекува сопствениците идната недела да добијат и ажурирање за тоа до каде се плановите на НБА и на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) за нова лига во Европа, рече еден од изворите.
ЕСПН првпат објави дека гласањето е планирано. Проширувањето што е на дневен ред не е изненадување, одборот се состанува само на неколку состаноци секоја година, а комесарот на НБА-лигата, Адам Силвер, во повеќе наврати изјави дека до крајот на 2026 година ќе се донесе одлука дали лигата со 30 екипи ќе додаде една или две нови франшизи во наредните години.
– Не е тајна, го разгледуваме овој пазар во Лас Вегас. Го разгледуваме и Сиетл. Ги разгледавме и другите пазари – рече Силвер во декември, додека беше во Лас Вегас за финалето на НБА-купот.
Долго време се веруваше дека ако се додадат и Лас Вегас и Сиетл, постоен клуб ќе треба да се премести од Западната во Источната конференција, за да има две конференции со по 16 тима. Сиетл имаше тим пред Суперсоникс да се премести во Оклахома во 2008 година, пишува АП. Г.И.
































