Фото: КФМ

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029

  • Победата е многу значајна, може да кажам дека би била и најважната во овие два меча што следуваат, вели кошаркарскиот репрезентативен Петков. „Македонија е јасен фаворит во групата. Ќе биде тежок натпревар каде што немаме што да изгубиме. Сакаме да ја играме нашата најдобра можна кошарка и можеби да изненадиме“, вели селекторот на Луксембург, Кен Дидерих, пред мечот утре во Скопје (18 ч.)

Знаеме дека Луксембург е добра репрезентација. И тие, како и ние, имаат две победи во првиот круг. Победата е многу значајна, може да кажам дека би била и најважната во овие два меча што следуваат, вели кошаркарскиот репрезентативен бек на Македонија и член на КК МЗТ Скопје Аеродром, Марин Петков, пред мечевите во претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година.
По двете победи над Азербејџан дома и над Република Ирска на гости, македонската репрезентација во групата А утре во салата „Градски парк“ во Скопје (18 ч.) ќе го пречека Луксембург, а в понеделник гостува во Азербејџан.
– Интересно е на тренинзите. Системот е сличен, но и различен. Овие два-три дена поставивме некои планови за играта во одбрана и во напад. Мислам дека на секоја репрезентација би ѝ одговарал шпанскиот стил на игра. Се знае дека Шпанците се една од подобрите кошаркарски земји, заедно со САД и Србија. Оттука, стилот на игра сигурно е дека ќе изгледа добро, дека ние ќе изгледаме добро. И, секако, одиме на победа – вели Петков.
Победникот на секоја од трите групи и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат пласман во квалификациите на ЕП 2029. Во селекцијата на Луксембург од повиканите 15 кошаркари тројца се интернационалци. Во репортажа на РТЛ „Рибаунд“, селекторот на Луксембург, Кен Дидерих рече: „Македонија е висок и физички силен тим и јасен фаворит во групата. Ќе биде тежок натпревар каде што немаме што да изгубиме. Сакаме да ја играме нашата најдобра можна кошарка и можеби да изненадиме“, пренесе Кошаркарската федерација на Луксембург.
Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) информира дека сите заинтересирани љубители на кошарката можат да обезбедат влезен билет за средбата со Луксембург преку онлајн-сервисот на „МКТикетс“. Билетите за овој натпревар се со цена од 150 (на трибините зад кошевите) и од 200 денари (за централната трибина). Г.И.