Гечевски со височината импресионираше и нормално беше за свој спорт да ја одбере кошарката. Професорот Димитар Пецов го донесе под кошевите, а легендарниот Буштур веднаш му прогнозираше блескава кариера
Тодор Гечевски (1)
Кога со голема брзина, што се вели од мали нозе, почна да се извишува, веднаш стана јасно кој ќе биде спортот на Тодор Гечевски. Уште во пионерските денови на сите им стана јасно оти популарниот Тоше, според брзиот раст и височината, ќе стане кошаркар. Меѓутоа, беше неизвесно дали покрај височината, која е една од главните предуслови за да се стане квалитетен кошаркар, Гечевски ќе ги има и другите особини неопходни за да може да се пробие во светот на кошарката. За среќа, Тоше ги имаше и тие особини. Тоа го забележа и неговиот професор Димитар Пецов, кој набрзо му го покажа патот кон соблекувалната. Со еден збор, познатиот професор сакаше да му каже оти местото му е тука, во кошаркарската сала. А, како ќе се развива натаму кариерата на младиот кавадарчанец, остануваше времето да покаже. Но, што е интересно, не требаше долго да се чека, за да се види оти ѕвездата е родена. Покрај височината (209 см), веднаш се виде оти тој ги има сите предиспозиции за да израсне во врвен кошаркар. Прогнозата на професорот Пецов и на неговите соработници уште на првите меѓуучилишни натпревари се оствари. Гечевски, демонстрирајќи ја својата супериорност во играта, на сите, дури и на оние што барем малку се упатени во кошарката, им даде до знаење оти тој располага со еден неограничен потенцијал. Така, од тие први настапи Гечевски тргна напред и со брзи чекори почна да ја гради својата кошаркарска кариера.
– На меѓуучилишните игри бев еден од столбовите во тимот на нашето училиште. Играта се вртеше околу мене. Сите ме бараа, а поради мојата височина и редовно ме пронаоѓаа. Ми остануваше да ја завршам последната акција и да поентирам. Така, со тие училишни возбуди почна да се плете мојата кошаркарска кариера. Набрзо заиграв и за сениорскиот тим на Тиквеш, што мене како млад кошаркар ми претставуваше чест, па затоа уште посмело зачекорив кон она што ме очекува. Почувствував дека шансата е тука, само ќе треба да ја искористам – се сеќава на почетоците Гечевски.
БУШТУР ЗАСЛУЖЕН ЗА ПОДЕМОТ
Во последните десет години од минатиот век, откако Македонија стана независна и суверена држава, и спортот доби нови димензии. Националните спортски сојузи брзо стануваа членки на меѓународните федерации, па, така, на нашите најквалитетни спортисти им беше овозможено, не како порано во рамките на селекциите од поранешната држава, туку сега бранејќи ги боите на сопствената земја, да се докажуваат на меѓународната спортска сцена. Во контекст на тоа, се засилија и стручните штабови на репрезентативните тимови, во кои најдоа место, што беше и логично, поранешни истакнати спортисти.
– За моја среќа, таков беше случајот и во кошарката, во која беше ангажиран големиот ас на нашиот спорт, за жал покојниот Благоја Георгиевски-Буштур. Морам да кажам оти тој одигра можеби пресудна улога за мојот напредок. Откако ме забележа на некој од натпреварите, веднаш рече оти во мене се кријат големи потенцијални. И тоа не само поради височината туку и поради чувството за игра. По негова препорака веднаш бев скениран од стручните лица во КФМ, па веќе на првиот собир на младинската репрезентација на Македонија бев повикан во националниот тим. Тоа за мене претставуваше голема чест, но и обврска. Знаев оти не смеам да ги разочарам оние што веруваа во мене, професорот Пецов и легендарниот Буштур – вели тој.
Тоше веднаш заигра за младинската репрезентација на Македонија и со своите другари оствари висок пласман на Европското младинско првенство, на кое беше освоено четвртото место. Тоа беше навистина голем успех, кој со радост беше примен од сите спортски љубители во Македонија.
– Тогаш сфатив колку ваквите постигнувања им ја греат душата на нашите сограѓани. Честитките стигнуваа од сите страни, иако кај нас беше присутна и тагата што, ете, во првиот ваков настап не освоивме и медал – вели Гечевски.
РАЗОЧАРУВАЊЕ ВО АВЕЛИНО, РАСПАД НА ХАГЕН
Од овие репрезентативни моменти Гечевски беше кошаркарот што го привлекуваше вниманието на стручњаците, па многумина од нив сакаа да го видат во својата средина. Почнаа да доаѓаат понуди од сите страни. Но Тоше, не сакајќи да ризикува, сакаше прво да ја стекне неопходната рутина на домашната кошаркарска сцена, а потоа и да замине евентуално во странство.
– Мислев оти еден таков потег ќе биде најисправен. Тука се стекнав со она неопходно прволигашко искуство, па по една и пол година дојдов во тимот на МЗТ, кој на некој начин беше хит и во голем подем – вели Гечевски.
Во тоа време и понудите од странските екипи зачестија. Сето тоа кај Тоше предизвика една колебливост и едноставно не знаеше кој пат да го избере.
– Конечно пресеков и ја прифатив понудата на италијански Авелино. Но, веднаш да кажам оти брзо се разочарав. Причина за тоа беше малата минутажа што ја добивав, што ме спречуваше докрај да ги истакнам моите квалитети. Затоа, не сакајќи да губам време, откако видов дека ситуацијата во Авелино нема да се промени, решив да ја прифатам поканата на германскиот клуб Хаген. Таму во почетокот работите се одвиваа онака како што посакував. Од тренерот добивав максимална минутажа, но и таму како да ме следеше малер. Токму во моментите кога веќе бев препознатлив за германската кошаркарска јавност, клубот западна во финансиска криза и едноставно згасна. Немајќи друга опција, решив да се вратам дома, овој пат во Работнички. Но знаев оти тоа ќе биде една кратка епизода. Тоа го знаеја и луѓето што го водеа скопскиот клуб, па иако за кратко, сепак, сакаа да ме видат во нивната средина – продолжува Гечевски.
ВРАЌАЊЕ ВО РАБОТНИЧКИ
Тој тука се чувствуваше најсигурно и знаеше оти ќе го добие она што го заслужува, а за минутажата на теренот немаше проблем. Можеше да игра сѐ додека имаше сили и се чувствуваше способно да го даде максимумот.
– Тоа ми беше многу значајно, зашто така бев во можност да ја одржувам мојата форма. Затоа се трудев да бидам што покорисен и мислам дека успеав во тоа. Во сезоната кога се вратив во тимот на железничарите успешно поминавме низ квалификациониот турнир за Улеб-лигата, кој се одржа во Турција. Но, за жал, тоа беше сѐ што постигнавме, зашто во квалификациите за фајналфорот бевме поразени и не стигнавме во завршницата на ова европско натрпеварување. Сепак, сето она што го поминавме и доживеавме беше големо искуство, не само за мене туку за сите нас – вели тој.
Во таа сезона, 2003/2004, Работнички беше повторно најуспешниот тим во Македонија, победувајќи во првенството и во Купот. Гечевски имаше голем придонес за триумфите на двата фронта.
Игрите на Гечевски беа следени од стручњаците, особено од просторите на поранешна Југославија, па, така, по успешните настапи во Работнички, дојде и понуда од Задар. Иконата на овој клуб, легендарниот Јосип Пино Ѓерѓа, по секоја цена сакаше да го доведе во својот клуб високиот македонски центар. На крајот желбата му се оствари и Тоше замина за Задар.
Како се одвиваше понатаму кариерата на Гечевски, клупска и репрезентативна, ќе читате идната недела.
Тодор Гечевски
Роден: во 1977 година во Кавадарци
Кариера: Тиквеш, Никол Ферт, МЗТ Скопје Аеродром, Авелино (Италија), Хаген (Германија), Работнички, Задар (Хрватска), ПАОК (Грција), репрезентација на Македонија, младинска и сениорска
Успеси: Екипни титули во шампионатите на Македонија (пет) и Хрватска (две), победи во куповите на Македонија (шест) и на Хрватска (два), четврто место на Европскиот сениорски шампионат во 2011 година во Литванија и четврто место на младинското првенство на Европа. Пет пати прогласуван за најдобар македонски кошаркар во странство, рекордер со најмногу скокови во Јадранската лига, 1.314, најмногу индекс-поени во Јадранската лига на сите времиња, 3.212, најкорисен играч во неколку изданија на Купот и првенствата на Македонија, неколкупати во најдобрата петорка на Евробаскет, прогласуван и за најдобар центар во Македонија