Фото: ЕПА

И покрај идејата дека натпреварите на ѕвездите и сродните настани доживуваат пад на популарноста, тие, сепак, им даваат можност на лигите за масовно активирање на брендот, што, според експертите, е вистинската вредност

Некогаш долгоочекувана прослава на најдобрите таленти во спортот, олстар-натпреварите западнаа во постојана состојба на реинвенција поради големите напори на северноамериканските спортски лиги да ги направат своите ѕвездени претстави хит според гледаноста, пишува агенцијата „Ројтерс“. Неколку фактори, вклучувајќи го недостигот од натпреварувачки дух и способноста на спортистите да ги користат социјалните медиуми за да се поврзат со навивачите од целиот свет, натераа многумина да се прашуваат дали не е добар стандардниот модел на олстар-натпреварите.
– Олстар-натпреварите порано беа можност за играчите да го изградат својот бренд. Сега има толку многу други начини да се направи тоа, што стана помалку важно играчите да мора да се појават на овие натпревари и да играат добро – изјави за „Ројтерс“ Боб Дорфман, аналитичар за спортски маркетинг во Сан Франциско.
Големите спортски лиги во Северна Америка со години ги менуваат форматите за нивните олстар-натпревари со надеж дека ќе создадат поголема конкурентност и ќе предизвикаат дополнителен интерес за егзибицискиот натпревар.
Хокеарската НХЛ-лига годинава го напушти својот олстар-натпревар, во корист на меѓународен турнир, наречен „Четири нации“, кој се покажа како успешен според многу метрики, вклучувајќи ги посетеноста на натпреварите, телевизиската гледаност и, можеби најважно, поддршката од играчите.
Дури и комесарот на кошаркарската НБА-лига, Адам Силвер, се повика на моделот на НХЛ кога разговараше за идните промени во натпреварот во неговата лига, откако рече дека новиот формат за февруарскиот НБА олстар-натпревар, на кој имаше мини-турнир на кој настапија четири екипи, беше „промашување“, пишува „Ројтерс“.
На олстар-натпреварите во американски фудбал, НФЛ, често недостигаа многу врвни играчи, кои беа или повредени, незаинтересирани или се насочуваа кон Супербоулот, па затоа во 2022 година го заменија со „Пробоул игри“, на кој има настани за вештини и натпревар со т.н. флег фудбал (бесконтактен американски фудбал).
Минатонеделниот натпревар на ѕвездите во американската бејзбол-лига (МЛБ), кој првпат беше решен со т.н. хоумран, имаше просек од 7,19 милиони гледачи на „Фокс“, што е намалување од 3,5 отсто во однос на минатата година и втор најнизок број за овој олстар-натпревар. Сепак, шоуто на МЛБ-лигата привлече многу повеќе внимание од неговите колеги, при што натпреварот на ѕвездите во НБА и натпреварите на „Про боул“ во НФЛ имаа просек од 4,7 милиони гледачи во февруари.

– Имаше време кога секој натпревар на ѕвездите беше настан што не смееше да се пропушти и луѓето беа возбудени и одушевени – рече познатиот американски спортски агент Ли Стајнберг.
Но и покрај идејата дека натпреварите на ѕвездите и сродните настани доживуваат пад на популарноста, тие, сепак, им даваат можност на лигите за масовно активирање на брендот, што, според експертите, е вистинската вредност.
Деновите пред олстар-натпреварот им нудат на лигите можност да се поврзат со градот во кој се наоѓаат таа недела преку иницијативи како што се настани во заедницата, надградба на спортски објекти, донации на опрема, посети на училишта и фестивали на навивачи.
– Кога ќе го погледнете само како еден натпревар во еден ден, тоа не е вистинската вредност. Вредноста е сѐ што води до него и сѐ друго што е поврзано со тоа што е кулминацијата на натпреварот. Реалноста е дека самиот натпревар е веројатно најмалку важен дел од тоа што претставува олстарот во денешно време – рече Џо Фаворито, долгогодишен професионалец за спортски маркетинг и професор на Универзитетот „Колумбија“, пренесе „Ројтерс“. Н.М.