Њујорк по вторпат го изненади Бостон и поведе со 2-0, во серијата прв до четири победи
НБА – ПЛЕЈОФ
Оклахома на домашен терен израмни на 1-1 во победи против Денвер во полуфиналето на Западната конференција на НБА-лигата, триумфирајќи убедливо со 149-106, во серијата прв до четири победи. Најефикасен играч кај победникот беше Шеј Гилгес-Александар со 34 поени и осум асистенции. Џејлен Вилијамс додаде 17 поени, Чет Холмгрен имаше 15 поени и 11 скока, додека Ајзеја Џо и Ајзеја Хартенштајн уфрлија по 14 поени. Кај поразените доминираше Расел Вестбрук со 19 коша, Никола Јокиќ впиша 17, Џамал Мареј додаде 14, а Арон Гордон 10 поени. Со оваа победа Оклахома постави нов рекорд во НБА-лигата за најмногу постигнати поени во прво полувреме од плејоф-натпревар (87). Следниот меч се игра денеска, навечер. Победникот ќе игра во финалето на Западната конференција против подобриот од дуелот меѓу Голден стејт и Минесота, во кој Голден стејт води со 1-0 во победи.
Њујорк поведе со 2-0 против актуелниот шампион Бостон во полуфиналето од плејофот на Источната конференција, откако победи на гости со 91-90, што претставува големо изненадување. Џош Харт го предводеше Њујорк со 23 коша, а Карл-Ентони Таунс постигна 21 поен. Кај Бостон најефикасни играчи со по 20 поени беа Џејлен Браун и Дерик Вајт, додека Џејсон Тејтум впиша 13 поени. Следниот натпревар од серијата се игра в сабота во Њујорк. Победникот ќе игра во финалето на Источната конференција против подобриот од мечот меѓу Индијана и Кливленд, во кој Индијана води со 2-0. Г.И.