Фото: ЕПА

Прашањето е каков ќе биде тимот на ЛА лејкерс следната сезона. Според сите извештаи, Леброн би можел да продолжи да игра и следната година, а друштво ќе му прават Лука и Ривс. Тоа е веќе скелетот на добар тим на кој очајно му е потребен квалитетен центар, пишува „Актуалитика“

НБА – ЗОШТО ЛА ЛЕЈКЕРС ДОЖИВЕАЈА ДЕБАКЛ ОД МИНЕСОТА

Елиминацијата на Лос Анџелес лејкерс во четврт-финалето на Западната конференција во НБА-плејофот од Минесота беше многу неочекувана. Освен прераната елиминација, впечатлив е фактот дека Минесота победи во само пет меча (4-1). Иако кон средината на април, многумина, не само новинари, предвидуваа висок пласман во плејофот за Лејкерси, па дури и финале, тоа не се случи. Лејкерси се соочија со елиминација во првото коло. Големото трио, Леброн, Лука и Ривс, не беше во можност да ја пробие ниту првата пречка. Но кои беа причините за ваквиот епилог. Според хрватскиот портал „Актуалитика“, за тоа има повеќе причини. Во оваа пригода ќе спомене неколку.
Се чинеше дека оваа сезона конечно ќе биде сезона на пресврт. Во регуларната сезона, во 82 натпревари, Лејкерси успеаја да го освојат завидното трето место во Западната конференција, со сооднос од 50 победи и 32 порази. Ако го земеме предвид поширокиот историски контекст, ќе видиме дека елиминацијата на тим што многу навивачи го сакаат ретко се случува во првото коло. Последниот пат пред 2020 година, Лејкерси беа елиминирани во четврт-финалето на Западната конференција во сезоната 2012–2013, кога загубија од Сан Антонио Спарс со 4–0 во серијата.
Лејкерси не успеаја во плејофот во она што беше нивната најголема предност – офанзивната игра. Од февруари, кога Дончиќ му се приклучи на клубот, а Ентони Дејвис замина во Далас, стана јасно дека Лејкерси ќе се обидат да победат во секој натпревар со освојување повеќе поени отколку што дозволуваат. Тоа најмногу функционираше во регуларната сезона (тие постигнаа помалку од 105 поени само во три натпревари на Дончиќ), но тоа не се покажа како добра тактика против Минесота. Тие ја пробија границата од 105 поени само еднаш, и тоа во инспирираниот четврти натпревар од серијата. Потоа тие освоија 113 поени. Тие погодија 19 тројки од 47 обиди (40 отсто), но сепак загубија бидејќи примија 116 поени. Тактиката е исто така една од причините. Тренерот Џеј Џеј Редик и неговиот штаб сметаа на брзината, техниката, финтите, мобилноста и на одличните шутерски вештини на Дончиќ, Ривс, Леброн и на Хачимура за да ја пробијат одбраната на Минесота. Редик и неговите играчи направија грешка со тоа што се одлучија за низок состав иако тактиката била договорена. Грешка беше и праќањето на талентираниот млад центар Џексон Хејс на клупата, односно како да беше намерно изоставен.

Во четири натпревари, тој играше во просек нешто помалку од осум минути, постигнувајќи седум поени, заедно со осум скока и една блокада. Во регуларната сезона, тој имаше просек од 6,8 поени, 4,8 скока, 0,9 блокади и 19,5 минути по меч. Менаџментот на Лејкерси, предводен од Роб Пелинка, е одговорен за продажбата на дефанзивецот Хејс и за тоа што не донесе соодветна замена.
Иако Леброн и Лука ги држеа Лејкерси во игра, тие ја одиграа серијата под нивното оптимално ниво. Добра причина за малку послабиот придонес се повредите што ги претрпеа од регуларната сезона, а претрпеа и нови во плејофот. Дончиќ, исто така, се заразил со вирус и тоа секако не остана незабележано. Проблем на Лејкерси беше недостигот од широк играчки состав. Првите петмина играа околу 80 отсто од времето: Леброн, Лука, Ривс, Хачимура, Фини-Смит. Од играчите на клупата, само Винсент и Вандербилт играа во просек над десет минути по меч.
Во анализата на „Актуалитика“ на крајот се додава дека Лејкерси како клуб во иднина ќе мора да направат длабинска анализа на оваа, за нив завршена сезона. Прашањето е каков ќе биде тимот на ЛА лејкерс следната сезона. Според сите извештаи, Леброн би можел да продолжи да игра и следната година, а друштво ќе му прават Лука и Ривс. Тоа е веќе скелетот на добар тим на кој очајно му е потребен квалитетен центар, но ќе видиме… Г.И.