КОШАРКА
- Покрај постојаните места, новата лига ќе им понуди на сите тимови во домашните лиги поврзани со ФИБА во Европа годишен пат за пласман базиран на заслуги на годишна основа, и тоа или преку Лигата на шампионите на ФИБА или преку квалификациски турнир на крајот на сезоната, објави НБА
Националната кошаркарска асоцијација (НБА) и Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) објавија дека во јануари ќе продолжат со заедничкото истражување нова професионална европска машка кошаркарска лига со вклучување потенцијални тимови и групи сопственици во процесот на приклучување кон лигата, пишува НБА на својата интернет-страница.
Покрај постојаните места, новата лига ќе им понуди на сите тимови во домашните лиги поврзани со Меѓународната кошаркарска федерација пат за пласман базиран на заслуги на годишна основа, и тоа или преку Лигата на шампионите на ФИБА или преку квалификациски турнир на крајот на сезоната, а лигата исто така ќе го усогласи и својот распоред на натпревари со распоредите на домашните првенства и на репрезентациите, дозволувајќи им на кошаркарите да ги претставуваат својот клуб и национален тим во текот на целата година, пишува НБА.
Како дел од новата лига, НБА и ФИБА исто така планираат да издвојат финансиска поддршка и ресурси за континуиран развој на европскиот кошаркарски екосистем, вклучувајќи ги домашните лиги, академиите на клупските тимови и постојните програми на Националната кошаркарска асоцијација и на Меѓународната кошаркарска федерација за развој на амбициозни играчи, тренери и судии на сите нивоа. Н.М.

































