КОШАРКА
Кошаркарите на МЗТ Скопје 12-ти пат станаа шампиони на Македонија, откако во четвртиот меч од финалето на плејофот славеа против дебитантот во едно вакво финале, ТФТ од Скопје, со 77-53 и со вкупно 3-1 во победи ја добија финалната серија. Најтрофеен македонски клуб е Работнички со 15 титули, кој во домашниот Куп има 10 трофеи, три помалку од МЗТ Скопје.
Кај МЗТ Скопје, Војдан Стојановски имаше 17 коша и по четири скока и асистенции, Дион Едвин реализира 15 поени, а Дамјан Стојановски 11 поени и шест скока… Кај ТФТ, Брајан Гринли уфрли 11 поени, а имаше и четири асистенции, а Георги Зафиров оствари 11 коша и 10 скока, 10 поени и седум скока имаше Дејвид Хотон.
Крилото на МЗТ Скопје, Едвин, имаше најконстантни игри и најголем број индексни поени на овие четири натпревари од финалната серија и беше прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) во плејофот. МЗТ Скопје 12-те титули ги освои од 2012 до 2017 година, потоа во 2019-та и од 2021 до 2025 година, а победник на Купот на Македонија беше во 1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018, 2021, 2023, 2024 и 2025 година. Г.И.