Фото: ЕПА

Мекланг доби максимални 50 поени за своите четири забивања. Кошаркарот Хиро од Мајами победи во шутирање за три поени, а Мичел и Мобли од Кливленд беа највешти во додавање, шутирање и дриблинзи. Рано утринава на програмата беше и олстар-мечот

НБА – ОЛСТАР-ВИКЕНД

Мек Мекланг (26) прескокна автомобил на патот до третата во низа победа во натпревар во забивање на олстар-викенд на кошаркарската НБА-лига, што се одржа во Сан Франциско. Кошаркарот висок 188 см, кој одигра само пет минути во еден натпревар сезонава во НБА, за Орландо, доби максимални 50 поени за своите четири забивања.
Во првиот круг тој прескокна автомобил што беше паркиран под кошот со лице што ја држеше топката преку отворен сончев покрив, а обидот го заврши со забивање наназад. Неговото второ забивање беше со прескокнување човек што стои и притоа се сврте во воздухот пред да ја забие топката. Третиот совршен резултат на Мекланг вклучуваше забивање со земање топка од рацете на човек што стои, додека во исто време ја заби и втората топка што ја држеше човек што беше качен на скала. Мекланг ја освои титулата со забивање над играчот Еван Мобли од Кливленд, висок 2,11 м, кој стоеше на мала платформа.
– Имав голема помош. Луѓето отвораа спортски сали за да внесуваат автомобил. Луѓето ми дозволуваа да го користам нивниот автомобил. Во моментов сум им навистина благодарен – изјави Мекланг за ТНТ, а пренесе „Би-би-си“, откако славеше во последното коло над Стефен Касл од Сан Антонио.

Мекланг го игра најголемиот дел од времето во својата кошаркарска сезона во Г-лигата, развојната лига на НБА, а во минатата сезона беше прогласен за најкорисен играч. Тој во кариерата одиграл само пет натпревари во НБА-лигата, за Лос Анџелес лејкерс, Чикаго, Филаделфија и за Орландо.
Кошаркарот Тајлер Хиро од Мајами победи во натпреварот на шутирање за три поени на олстар-викендот. Тој тешко влезе во финалето (со само 19 поени), но потоа триумфира со 24, победувајќи ги Бади Хилд и Дариус Гарланд, додека Демијан Лилард, двократниот победник, не успеа да го помине првиот круг. Хилд се истакна во првата рунда со 31 поен, но во финалето постигна 23, со што го освои второто место. Покрај овие тројца и Лилард, во шутирањето тројки се натпреваруваа и Кем Џонсон (Бруклин), Џејлен Брунсон (Њујорк), Норман Пауел (ЛА клиперс) и Кејн Канингем (Детроит).
Донован Мичел и Еван Мобли од Кливленд во финалето беа подобри од Мосес Моди и Драјмонд Грин од Голден стејт, во натпреварот на комбинација на додавање, шутирање и дриблинзи, постигнувајќи најбрзо време. Виктор Вембанјама и Крис Пол, тандемот од Сан Франциско, имаа најдобро време во првата рунда, но беа дисквалификувани поради неправилно изведување. Рано утринава на програмата беше и олстар-мечот. Г.И.