Фото: КФМ

Црвено-жолтите утре се среќаваат со Естонија на гости, а в понеделник и со Полска дома. Естонија, која е на чело во групата Х, во составот има 15 играчи, од кои 11 се интернационалци (играат во Италија, Шпанија, Полска, Белгија, Јапонија, Литванија и во Германија)

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија ги заврши мини-подготовките во Скопје и вчера попладне беше планирано да отпатува во Талин, каде што утре во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во Финска, Кипар, Полска и во Летонија треба да го одигра натпреварот со домашната селекција на Естонија (18 ч.). Три дена подоцна е и средбата со Полска (18.30 ч.) во СРЦ „Кале“ во Скопје.
Во составот на Македонија првпат заедно ќе бидат интернационалците од Евролигата, Ненад Димитријевиќ од италијански Милано и Ти-Џеј Шортс од француски Париз. За пласман на ЕП 2025, Македонија треба да ја победи Естонија најмалку со шест поени разлика, а потоа и Полска (која како еден од кодомаќините и игра надвор од конкуренција), но и да чека пораз на Естонија на гости во Литванија во последното шесто коло на групата Х, во овој квалификациски циклус.
– Одиме на две победи. Двете репрезентации ни се познати. Со Естонија и во претходниот циклус имавме две средби така што мораме да победиме ако сакаме да играме на Европско првенство. Секако, напаѓачки, сега сме доста подобри. Имаме двајца плејмејкери што можат да играат со топката. Малку сме послаби на центарски позиции, меѓутоа ќе се обидеме да го дополниме тоа. Секогаш сум тука за Македонија – вели Андреј Маслинко, најкорисниот играч на завршниот турнир од неодамнешниот куп „Благоја Георгиевски-Буштур“.
И кошаркарите на Естонија се собраа во понеделникот за дуелите со Македонија и со Литванија. Според информациите што доаѓаат од Естонија, салата за дуелот со Македонија е целосно распродадена (6.471 гледачи), и тоа во рекордно брзо време.
Естонија е на чело во групата Х од квалификациската серија за пласман на ЕП, со три победи од четирите натпревари. Серијата ја почна во февруари лани со две победи, прво со Македонија во Скопје (74-69), а потоа првпат во својата историја ја победи и Литванија (65-59). Следуваше триумф на гости кај Полска (82-78), но и единствениот пораз во ноември лани, токму од Полска (86-88) и тоа на свој терен.
На списокот на селекторот на националниот тим Хеико Ранула има 15 играчи, од кои 11 се интернационалци што настапуваат во седум странски клуба. Тоа се: Мик Јуркатам (Авелино), Јонас Рисма (Канту) и Каспар Трајер (Наполи), сите во Италија, потоа Кристијан Куламае (Билбао) и Сандер Раиесте (Басконија) во Шпанија, Сим-Сандер Вене (Стал Остров) и Јанари Јоесар (Варшава, Полска), Матиас Тас (Остенде, Белгија), Маик-Калев Коцар (Јокохама, Јапонија), Артур Кононтшук (Олденбург, Германија), Микел Кирвес (Јонавос, Литванија), а во домашното првенство играат Сим-Маркус Пост (Талтех), Стефан Вакс (Калев), Хуго Том (Калев) и Крегор Хермет (Калев). Од нив особено е пробивен и со прецизен шут Куламае.
Естонија досега настапила шест пати на ЕП, и тоа во 1937 година (петто место), 1939 (петто), 1996 (шесто), 2001 (14), 2015 (20) и во 2022 година (19). Македонија, пак, пет пати била дел од континенталниот шампионат, во 1999 година (13), 2009 (деветто), 2011 (четврто), 2013 (21) и во 2015 година (19). Г.И.


Досега 11 репрезентации обезбедија пласман на ЕП 2025

Покрај домаќините на кошаркарското Европско првенство (ЕП) годинава, Финска, Кипар, Полска и Летонија, пласман на континенталниот шампионат по четири квалификациски кола обезбедија и Србија, Литванија, Словенија, Израел, Турција, Италија и Шпанија. На ЕП 2025 ќе настапат 24 репрезентации. Актуелен првак е репрезентацијата на Шпанија.


ГРУПА Х

Естонија – Македонија утре, 18 ч.
Полска – Литванија утре, 18 ч.

ТАБЕЛА
Естонија 4 3 1 307-294 7
Литванија 4 3 1 318-268 7
Македонија 4 1 3 304-321 5
Полска 4 1 3 301-347 5