Фото: КФМ

Селекторот на машката македонска репрезентација, Марјан Илиевски, повика 27 кошаркари за подготовките за натпреварите од претквалификациите во август, со Романија и со Унгарија. Првиот собир на репрезентативците е закажан за денеска

КОШАРКА

Селекторот на машката македонска кошаркарска репрезентација, Марјан Илиевски, го објави поширокиот состав со играчи за претквалификациите за пласман на Светското првенство во 2027 година во Катар, објави Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Илиевски повика 27 кошаркари, листа на кандидати што ќе биде доставена во Светската кошаркарска федерација (ФИБА).
Првиот собир пред подготовките на македонските репрезентативци е закажан за денеска, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, од 18 часот, пишува Кошаркарската федерација на Македонија. Во августовските претквалификации најдобрата македонска кошаркарска селекција ќе настапува во групата Б, во која се и репрезентациите на Унгарија и на Романија, која победи во групата Б, во првиот претквалификациски циклус.
Во вториот дел од мундијалските претквалификации има четири групи со по три репрезентации. Во групата А се Словачка, Швајцарија и Украина, во Б ќе играат Македонија, Романија и Унгарија, во групата Ц ќе се натпреваруваат Холандија, Австрија и Бугарија, а во групата Д ќе настапат Данска, Норвешка и Хрватска.
Првопласираните две селекции од секоја од четирите претквалификациски групи ќе играат во првиот дел од квалификациите, во кој директно ќе настапат учесниците на Европското првенство (ЕП) годинава, репрезентациите на Кипар, Финска, Летонија, Полска, Белгија, Босна и Херцеговина, Чешка, Естонија, Франција, Грузија, Германија, Велика Британија, Грција, Исланд, Израел, Италија, Литванија, Црна Гора, Португалија, Србија, Словенија, Шпанија, Шведска и на Турција.

Во мај беше влечена ждрепката за квалификациските групи. Првопласираната селекција од групата Б од претквалификациите за ривали во квалификациите ќе ги има репрезентациите од групата Б, во која се Грција, Црна Гора и Португалија, а второпласираната селекција во квалификациите ќе се сретне со репрезентациите од групата Г, во која се Франција, Финска и Белгија, пишува КФМ.
По првиот дел од квалификациите, по три селекции од осумте групи ќе продолжат да играат во вториот дел, во кој ќе има четири групи со по шест репрезентации и од кои најдобрите три селекции ќе играат на Светското првенство во Катар во 2027 година, на кое Европа ќе има вкупно 12 претставници.
Македонија, состав: Војдан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром), Марин Петков (МЗТ Скопје Аеродром), Андреј Маслинко (МЗТ Скопје Аеродром), Андреј Магдевски (МЗТ Скопје Аеродром), Андреј Андоновски (МЗТ Скопје Аеродром), Марко Миловановиќ (МЗТ Скопје Аеродром), Стојан Ѓуроски (Работнички), Дамјан Робев (Работнички), Виктор Ефремовски (Работнички), Амар Хот (Работнички), Андреј Шошкиќ (Работнички), Валмир Какруки (Чаир 2030), Адем Мекиќ (Бора, Косово), Теодор Симиќ (Кожув), Страхил Николов (ТФТ), Лука Стојановски (Пелистер), Андреј Митревски (Феникс 2010), Стефан Стојковиќ (Феникс 2010), Максим Митевски (Гостивар), Лејсон Зеќири (Башкими, Косово), Кристијан Николов (Чеди Осман БК, Турција), Ненад Димитријевиќ (Олимпија Милано, Италија), Никола Јаничиќ (Водно Санс), Марко Луканоски (Игокеа, БиХ), Лука Савичевиќ (Лафајет Леопардс, САД), Андреј Јакимовски (Тренто, Италија), Рубин Стефанов (Унибаскет Ланчиано, Италија). Н.М.


ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027

Група Б
Македонија – Романија 2 август
Романија – Унгарија 6 август
Унгарија – Македонија 9 август
Романија – Македонија 13 август
Унгарија – Романија 16 август
Македонија – Унгарија 20 август