КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027
Хрватска има седум учества на ЕП, најдобриот пласман, петто место, е остварен во 2011 година
Македонската женска кошаркарска репрезентација денеска во Славонски Брод (од 18 часот) ќе го има третиот предизвик во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2027 година (група Ф), по победата над Данска (79-78) и поразот од Грција (84-71), двете во Скопје. Противник е фаворизираната и поискусна селекција на Хрватска, која по победата над Грција на гости, изненадувачки загуби на свој терен од Данска. По две кола сите четири селекции имаат по една победа и пораз.
– Нѐ очекува дуелот со Хрватска. Ништо не е решено, ќе играме максимално, па зошто да не успееме да изненадиме на гости – изјави македонскиот селектор Александар Ашаданов.
Хрватска зад себе има седум учества на ЕП, најдобриот пласман, петто место, е остварен во Полска во 2011 година, двапати била осма, по еднаш 11-та, 12-та 13-та, а во 2021 година била 17-та. Хрватките имаат и едно учество на Летни олимписки игри (ЛОИ), во Лондон, во 2012 година (10-то место). Г.И.
ГРУПА Ф
Хрватска – Македонија 18 ч.
Данска – Грција 18.30 ч.
ТАБЕЛА
Грција 2 1 1 174-160 3
Данска 2 1 1 167-156 3
Хрватска 2 1 1 153-162 3
Македонија 2 1 1 163-179 3



































