Успеавме да ја стопираме нивната транзиција, а и позицијата од каде што најчесто ги постигнуваа нивните поени. Тоа е заслуга на енергијата, на ангажираноста и на одличната одбрана, благодарение на која не моравме да форсираме во нападот, вели селекторот Јончевски по победата на Македонија на мечот со Норвешка, со 22 разлика и само 38 примени поени, по што црвено-жолтите се осамени лидери во групата Д. Следува мечот утре со Данска, во Гевгелија

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Машката репрезентација на Македонија во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија убедливо ја совлада Норвешка, со 58-36, во третиот натпревар во претквалификацискиот циклус за пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2025 година во Летонија, Кипар, Финска и во Полска. Македонските кошаркари, предводени од селекторот Александар Јончевски, со оваа победа избија на врвот во групата Д, со максимални шест бода, и се сѐ поблиску до посакуваната цел.
– Генерално сум задоволен од играта и од победата. Успеавме да ја стопираме нивната транзиција, а и позицијата од каде што најчесто ги постигнуваа нивните поени. Тоа е заслуга на енергијата, на ангажираноста и на одличната одбрана, благодарение на која не моравме да форсираме во нападот. Ни одговараше тој тип на игра, иако постигнавме помалку од 60 поени. Задоволен сум од играта на Ти Џеј Шортс. Осумте поени не се значајни во статистиката, но осумте асистенции покажаа дека е одличен организатор на играта, каков што и ни требаше, а изненади и во делот од одбраната, каде што беше крајно ангажиран и дисциплиниран – рече Јончевски.
Разликата од 22 поена, односно дозволувајќи му на противникот да постигне само 38, доволно зборува за супериорноста на црвено-жолтите.
– Имавме доволно време да се подготвиме за натпреварот. Веќе подолго време сме со истиот состав, иако имавме мала промена со новото засилување, Шортс, кој одлично се вклопи во репрезентацијата. Задоволен сум од нашата игра во одбраната, транзицијата ни беше конзистентна и успеавме без многу проблеми да ја запреме нивната игра – вели репрезентативецот Дамјан Робев.
Бојан Крстевски и Војдан Стојановски со по 14 поени беа најефикасни во македонските редови, а кај Норвежаните Харлад Фреј и Карамо Јавара уфрлија по 11 поени.
Утре македонските кошаркари, повторно во салата во Гевгелија (од 19 часот), ќе го одиграат и четвртиот натпревар, против селекцијата на Данска, која, пак, без најдобриот играч Габриел Лундберг на гости загуби од Словачка со 70-74 и остана на последната позиција, со три пораза. Македонија ја победи Данска во мечот на гости со 73-70, во првото коло. Данците досега настапиле само на три европски првенства, и тоа во 1951 година (14-то место), во 1953 (16-то) и во 1955 година (18-то). На табелата во групата Д, прва е Македонија, со максимални шест бода, пред Норвешка со пет, Словачка има четири, а Данска три бода. Во другите две претквалификациски групи, по три кола водат репрезентациите на Хрватска и на Португалија, со по три победи.
Првопласираната селекција во секоја од трите претквалификациски групи ќе игра директно во квалификациите, другите репрезентации ќе играат во нов круг претквалификации, во кој ќе настапат 12 селекции, а потоа четири најдобри ќе се пласираат во квалификациите. Во случај на ист број бодови, решава меѓусебниот резултат. Г.И.


ГРУПА Д

Македонија – Норвешка 58-36
Словачка – Данска 74-70

ТАБЕЛА
Македонија 3 3 0 6
Норвешка 3 2 1 5
Словачка 3 1 2 4
Данска 3 0 3 3

Идно коло (утре): Норвешка – Словачка (18 ч.), Македонија – Данска (19 ч.).