Во шутирање тројки беше изедначен рекордот за најмногу поени во една рунда. Лилард победи погодувајќи ги последните четири шута на една секунда до истекот на времето, а Мекланд освои максимални 50 поени во четирите забивања

КОШАРКА – НБА, ОЛСТАР-ВИКЕНД

Кошаркарот на Портланд, Демијан Лилард, триумфира во натпреварот во брзо шутирање тројки на вториот ден од годинашниот олстар-викенд на НБА, во Солт Лејк Сити.
Лилард, кој во финалето беше поуспешен од тандемот на Индијана, Бади Хилд и Тајрис Халибартон, во финалето постигна 26 поени, еден повеќе од шампионот од 2020 година, Хилд, а Халибартон имаше 17 поени, но ќе биде запаметен по неговиот настап во првото коло, кога уфрли 31 кош, со што го изедначи рекордот на Стеф Кари по бројот на најмногу постигнати поени во една рунда на натпреварот во брзо шутирање за три поени, барем откако е воспоставен сегашниот формат. Лилард дојде до победата погодувајќи ги последните четири шута на една секунда до истекот на времето.
Победник во најатрактивниот дел од втората вечер, натпреварувањето во забивање, беше кошаркарот Мек Мекланд (24 г., 188 см), кој не настапува во НБА-лигата. На Мекланд, кој во својата кариера настапил само на два натпревара во Филаделфија, а професионалната кариера ја продолжи во развојната лига, можеби сега му се подотворија вратите за настап во НБА-лигата. Тој беше убедлив, победувајќи со максимални 50 поени во четирите забивања.
Во натпреварот во кошаркарски вештини, пак, триумфираа домаќините. Триото на Јута составено од Колин Секстон, Вокер Кеслер и Џордан Кларксон покажа најмногу. Г.И.