Целта на оваа стратегија е да обезбеди системски развој, јасни насоки за напредок, како и фер и дисциплинирано натпреварување, велат од Кошаркарската федерација на Македонија
КОШАРКА
Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), врз основа на заклучоците од состаноците со екипите од сениорските лиги, ја претстави стратегијата за периодот од 2025 до 2029 година. Врз основа на сеопфатна анализа на младинските и сениорските лиги, како и на финансиските и административните обврски на клубовите од минатите сезони, КФМ објави нова стратегија за стабилен и квалитетен натпреварувачки систем. Целта на оваа стратегија е да обезбеди системски развој, јасни насоки за напредок, како и фер и дисциплинирано натпреварување, велат од Кошаркарската федерација на Македонија.
Во машката младинска конкуренција од сезоната 2025/2026 ќе функционираат првенства до 12, 14, 16, 18, како и до 20 години, реактивирана како развојна лига, мост кон сениорска конкуренција. Целта е да се обезбеди квалитетна подготовка на младите играчи пред влез во сениорска кошарка. Во женска конкуренција ќе функционираат првенствата до 12, 14, 16 и 18 години. Со оглед на малиот број женски сениорски екипи и природната интеграција на девојките од 19-20 години во тие тимови, не се предвидува посебна лига за кошаркарки до 20 години.
Кај сениорските лиги, во машка конкуренција, во Суперлигата (поранешна Прва лига), во сезоната 2025/2026 ќе има 12 екипи, а од 2026/2027 вкупно 10. Право на настап ќе имаат четири странски играчи (најмногу тројца истовремено на терен во регуларниот дел од сезоната, а без ограничување во плејофот). Во Првата лига (поранешна Втора лига) ќе има 12 екипи, според пласманот од сезоната 2024/2025 и клубови од Третата лига со посебна покана (вајлд-карта), ако ги исполнат условите од лиценцниот систем. Во тимовите од Втората лига право на настап има по еден странец. Аматерската лига (поранешна Трета лига), ќе функционира како посебна сениорска лига, одвоена од првенството за кошаркари до 20 години, која преминува под младинскиот натпреварувачки систем, пишува КФМ.
Во женска конкуренција, во Првата лига, во сезоните 2025/2026 и 2026/2027 ќе има по осум екипи, во кои право на настап ќе имаат по три странски кошаркарки (најмногу две истовремено на терен во регуларниот дел од сезоната, а без ограничување во плејофот). Во Втората лига ќе играат пет екипи според пласманот од сезоната 2024/2025 и секоја новопријавена екипа.
Сите клубови, без исклучок, стари и нови, должни се да достават писмена пријава за учество за сезоната 2025/2026. Пријавувањето на сениорските екипи е од денеска до петок, а по овој рок почнува втората фаза, во која секоја екипа ќе треба да ги пријави кошаркарите, тренерите и домашните сали, како и да ги намири сите долгови кон Кошаркарската федерација на Македонија. Екипите што ќе достават комплетна документација, кои ќе ги исполнат критериумите и ќе ги намират обврските, ќе бидат промовирани како активни, со лиценца и со медиумска видливост, а за сите други екипи ќе биде дадена временска рамка да го сторат тоа, пишува КФМ.
Новите правила важат еднакво за сите, без фаворизирање, без исклучоци и компромиси. Само екипите што ќе ги исполнат сите критериуми ќе добијат дозвола за настап. Во втората половина на јули Кошаркарската федерација на Македонија ќе организира дополнителни средби и презентации со сите пријавени екипи, на кои ќе бидат детално објаснети новите лиценцни критериуми, финансиски и организациски обврски, стандарди за сали и друго, информираат од Кошаркарската федерација на Македонија. Г.И.